„Ризница на добродетели“-изложба што ја претвора уметноста во духовно искуство

Во Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци, на 16 јули 2026 година свечено беше отворена првата самостојна изложба на скулптури „Ризница на добродетели“ на монахиња Ана Паноска. Настанот собра бројни љубители на уметноста, претставници на културниот и јавниот живот, како и посетители кои преку оваа необична поставка имаа можност да доживеат поинакво разбирање на современата скулптура – не само како визуелна форма, туку и како духовно сведоштво.

Во време кога современата уметност најчесто ги истражува темите на индивидуализмот, идентитетот и општествените предизвици, изложбата „Ризница на добродетели“ отвора една поинаква перспектива. Наместо да го насочи вниманието кон минливото и моменталното, таа го враќа погледот кон вечните вредности што ја обликуваат човечката личност – љубовта, верата, надежта, мудроста, смирението и останатите добродетели што православната духовна традиција ги препознава како пат кон внатрешната преобразба.

Поставката е составена од тринаесет скулптури – десет дела изработени во комбинирана техника, две скулптури во гипс и една резба во медијапан. Секое дело функционира како самостојна уметничка целина, но истовремено е дел од внимателно осмислен концепт што постепено го води посетителот низ духовното патување на човекот – од неговата падната природа кон можноста за духовно преобразување и обожување.

„Современата уметност ретко се осмелува да говори за добродетелта. Во време во кое естетиката често ја заменува етиката, а визуелното искуство се исцрпува во моментната перцепција, „Ризница на добродетели“ претставува исклучително духовно и уметничко сведоштво за вечните вредности врз кои се изградува човечката личност. Добродетелите овде не се претставени само како морални категории, туку како онтолошки состојби на човекот, како пат на преобразба и како живо учество во божествената благодат“, истакнува Марина Убавкова М.Арх | М.Л.У, куратор на изложбата.

Една од особеностите што веднаш го привлекува вниманието е изборот на материјалот. Централно место во творечкиот концепт зазема хартијата – материјал што во секојдневниот живот се доживува како кревок и минлив, а во рацете на авторката добива сосема ново значење.

Како што посочува кураторот, токму во таа преобразба се крие суштината на изложбата.

„Од нешто што лесно може да се распадне, авторката создава форми што се стремат кон вечноста. Хартијата повеќе не е само подлога врз која се испишува словото; таа самата станува слово, сведоштво и духовен знак. Таа нè потсетува дека и човекот, создаден од прав, е повикан да стане храм на Светиот Дух“, нагласува Убавкова.

Во истиот дух е осмислена и секоја скулптура, придружена со свиток на кој се испишани библиски и светоотечки текстови. Наместо класични музејски легенди, тие стануваат составен дел од делото, воспоставувајќи органска врска меѓу словото и образот.

„Посетителот како гледач, е повикан и да чита, да размислува и, пред сè, да созерцува. Просторот на изложбата постепено се преобразува во простор на внатрешен дијалог, каде што визуелното искуство се соединува со тишината на духовното читање“, објаснува кураторот.

Говорејќи за идејната и духовната порака на изложбата „Ризница на добродетели“, монахиња Ана Паноска истакна дека човековиот живот претставува дар, но и лична одговорност: „Ризница на добродетели“ е изложба што ја истражува човековата внатрешна убавина преку скулптури изработени од хартија. Медиумот, односно хартијата  ја носи пораката– секој човек се раѓа како празен лист хартија. Врз празниот свиток од хартија на човековото срце  индивидуално се испишува  карактерот според влијанието на околината и личниот избор за определба на добро или зло, односно наклонетост кон добродетели или обземеност од страсти. 

Секој портрет претставува личност што во себе носи препознатлива добродетел – смирение, љубов, вера, надеж, мудрост…кои според Евангелието ја отсликуваат  “Вашата светлина” -“Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“  (Матеј 5).” Овие фигури не се само претстави на индивидуи, туку симболи на универзални човечки вредности кои го збогатуваат општеството и го обликуваат нашиот духовен свет.

„Ризница на добродетели“ е покана за размислување за вредностите што ги носиме во себе и за луѓето кои, со својот пример, оставаат траен белег во нашите животи. Изложбата не е само визуелно искуство, туку и потсетник дека најголемото богатство на едно општество не се материјалните добра, туку добродетелите што живеат во неговите луѓе.

„Со оваа изложба сакам да им оддадам почит на оние кои со својата човечност, интегритет и несебичност стануваат тивки чувари на највредната ризница – ризницата на добродетелите.” – монахиња Ана Паноска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести