еМагазин
Свет ТОП СТОРИИ

Што пишува во биографијата на новиот 46. американски претседател, Џо Бајден

Кандидатот на Демократската партија Џо Бајден е избран за 46. претседател на САД, јави Си Ен Ен.

Џозеф Робинет Бајден-помладиот е роден на 20 ноември 1942 година во гратчето Скрантон, Пенсилванија, во англиско-ирско католичко семејство, како најстар од четирите деца.

Има сестра, Валери Бајден Овенс, и двајца браќа, Френсис Вилијам „Френк“ Бајден и Џемјс Брајан „Џим“ Бајден. Сестра му Валери е еден од неговите главни соборци, менаџер на сите негови изборни кампањи, од првата за во Сенатот во 1972 година, до претседателските избори во 2020 година.

Бајден завршил основно и средно училиште во католичкото „Света Елена“ во Вилмингтон, а потоа се запишал на католичкиот колеџ „Арчмер“ во Клејмонт, Делавер. Бил капетан во неговиот клас, успешно играл американски фудбал за тимот на колеџот, а играл и бејзбол.

Според неговите мемоари, во тие години тој има проблем со силно пелтечење, но можел да се справи со него читајќи стихови пред огледало.

Во 1965 година Бајден дипломирал историја и политикологија на Универзитет Делавер. Во 1968 година завршил правен факултет на Универзитет Сиракуза, и започнал да работи како правник во Делавер.

Во текот на универзитетските денови се запознал со својата прва жена, Нејла Хантер. Стапил во брак со неа во 1966 година, и од тој брак имаат три деца: Бо, Хантер и Наоми.

На 18 декември 1972 година Нејла и Наоми загинале во автомобилска несреќа, Бо и Хантер, кои исто така биле во колата, биле повредени. Во тој момент Бајден штотуку бил избран за сенатор и планирал да се откаже од функцијата за да биде со синовите, но се предомислил.

Во 1977 година Џо Бајден се оженил за учителката по англиски јазик Џил Трејс Џејкобс. Од тој брак ја имаат ќерката Ешли.

Постариот син на Бајден, Бо, правник и јавен обвинител на сојузната држава Делавер, во мај 2015 година починал од рак на мозокот. Оваа трагедија влијаеше на одлуката на Бајден да се откаже од номинација на своја кандидатура за претседател, против Трамп, на изборите во 2016 година.

Бајден, поранешен потпретседател на претходникот на Трамп, Барак Обама, долгогодишен сенатор и претседавач на комисијата за надворешна политика, има повеќедецениско надворешнополитичко искуство. Аналитичарите сметаат дека неговата победа на изборите носи рестартирање на традиционалните американски сојузништва, пред сѐ во Европа и Источна Азија.

Досегашните негови изјави и интервјуа укажуваат на тоа дека тој ќе се стреми кон „соработка со останатите држави кои ги споделуваат американските вредности и цели, а тоа ја прави Америка побезбедна и поуспешна,“ како што и напиша неодамна во колумна за списанието Форин аферс.

Тој најави дека во текот на првата година од неговиот мандат во Белата куќа, ќе биде домаќин на голем самит за демократија и тоа го истакна неколкупати. Тој ќе бара од владите да се обврзат на нови акции во борбата за човековите права, против корупцијата и авторитарните режими, и тоа би било свртување во споредба со попустливоста на Трамп спрема, како што дел од американските медиуми посочуваат, диктаторите и корумпираните владетели како што се сe Си Џинпинг, Владимир Путин, Ким Џонг-ун, Реџeп Тајип Ердоган, Жаир Болсонаро и др.

Џо Бајден е претставник на Демократската партија, а нејзини истакнати првенци како гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер и градоначалникот на американската престолнина Вашингтон, Мјуриел Баузер, годинава ги прогласија македонските празници Илинден и Денот на независноста како денови на македонско-американското пријателство, кои ќе се одбележуваат секоја година.

Посветеноста на Бајден на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, ја потврди и Хојт Ји, поранешен заменик помошник државен секретар, кој сега е дел од изборниот штаб на демократскиот претседателски кандидат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бајден избран за претседател на САД

МИА/Фото: Фејсбук/Бајден

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Нов албум на Каролина заедно со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски: Промовирана првата песна „Идила“

Редакција

Кои се тие функционери кои не ги фатила „метлата“, а местеле милионски тендери, за кои зборува поранешниот советник на Тевдовски, Јовановиќ?

Редакција

Регионалната соработка да премине од зборови на дело, побара Секретаријатот на ЦЕФТА во Тирана

Редакција