Во тек се последните подготовки за годинешната „Штипска Пастрмалијада“. На сцената, која денеска се поставува кај Градскиот стадион во населбата Осми ноември, ќе настапат познати македонски и балкански имиња, кои ќе ги забавуваат штипјани, но и гостите од околните градови.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека градот е подготвен и повика на масовна присутност.
-Од денеска се вршат последните подготовки за одржување на познатата манифестација „Пастрмалијада, 2023“. Традицијата продолжува. Овој викенд Штип ќе биде центарот на Македонија. Очекуваме многу гости, добра забава, многу продадени и изедени пастрмајлии.
За сето ова што го нудиме, ќе се погрижат домашни и балкански ѕвезди коишто ќе настапат во петок и сабота. Оваа прилика ја користам да ги поканам и повикам сите наши сограѓани утревечер и во сабота вечер да се приклучат, да бидат дел од оваа манифестација, но и сите граѓани на Република Македонија коишто, се надевам, ќе го посетат Штип овој викенд и ќе бидат дел од оваа убава забава на која што ќе се промовира нашиот најпознат и највкусен бренд, штипската пастрмалија, рече Јорданов.
Гурманскиот специјалитет годинава ќе се продава по цена од 200 денари, со 250 грама тесто и 150 грама месо. Денеска се поставуваат триесетина штандови, на кои се очекуваат десетици илјади гости.
-Веќе се утврдени локациите и штандовите. Во комуникација со угостителите, имам информација дека очекуваат штандовите да бидат посетени и онака како што е редот да бидеме добри домаќини со највкусниот и најубавиот бренд, рече Јорданов.
Во петок на оваа манифестација ќе настапат Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара. Додека, пак, во сабота Амадеус бенд, Љубојна и хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ.
Паркингот во градот во петок и сабота ќе се наплаќа до 15 часот, а потоа ќе биде бесплатен на секоја паркинг-позиција.
МИА/Фото: Општина Штип