еМагазин
Image default
Бизнис

Скопскиот аеродром по 7. пат најдобар аеродром во Европа во категоријата на негова големина

Меѓународниот аеродром Скопје е награден од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ) со наградата за квалитет на аеродромските услуги (ASQ Award) за Најдобар аеродром во неговата големина и регионот (од 2 до 5 милиони патници годишно во Европа) и Најдобри хигиенски мерки по регион (Европа) за 2021 година, информираат од таму.

Меѓународниот совет на аеродроми денеска ги објави добитниците на овогодинешните награди за квалитет на аеродромските услуги (ASQ), кои ги слават и ги промовираат најдобрите аеродроми во светот согласно со тоа како се изјасниле патниците.

Како учесник во ASQ-програмата за истражување на мислењата на патниците, Меѓународниот аеродром Скопје, кој е управуван од ТАВ Македонија, се натпреварува со аеродроми со иста големина – од два до пет милиони патници годишно и во истиот регион – Европа, со што во 2021 година, овој панел за истражување на ASQ, се состоеше од вкупно 11 аеродроми и тоа Мадеира, Краснојарск, Менорка, Сантијаго, Скопје, Сола, Тбилиси, Талин, Ваернес, Торино и Загреб.

– Ова е седми пат како ја добиваме оваа прекрасна вест дека Меѓународниот аеродром Скопје е награден од АЦИ за квалитет на аеродромските услуги за Најдобар аеродром во неговата големина и регион, а втор пат по ред од минатата година за Најдобри хигиенски мерки по регион за 2021 година.

Воодушевени сме што Меѓународниот совет на аеродроми го награди скопскиот аеродром, бидејќи овие награди и признанија се доказ за нашите извонредни напори во еден ваков исклучителен период, бидејќи 2021 година беше година кога сè уште силно се соочувавме со ефектите од глобалната пандемија.

Меѓутоа, нашите патници и клиенти уште еднаш ја докажаа и потврдија нашата заложба, напорна работа и посветеност. Ние сме благодарни, горди и привилегирани за нивната позитивна оценка за нашата работа, особено ако ги земеме предвид предизвиците поради моменталните околности, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Како што истакнуават од ТАВ Македонија, аеродромите ширум светот, покрај тековната криза, продолжија да даваат приоритет на слушање и приспособување на различните потреби на нивните клиенти преку анкетите за квалитет на аеродромските услуги. Во 2021 година со еволуирачките здравствени мерки и новите сетови на очекувања што влијаат врз тоа како се испорачува и доживува аеродромското искуство, посочуваат, пандемијата со КОВИД-19 и натаму има големо влијание врз патничкиот сообраќај.

Луис Фелипе де Оливеира, генерален директор на АЦИ, во честитка до Меѓународниот аеродром Скопје за наградата Најдобар аеродром во неговата големина и регион и Најдобри хигиенски мерки по регион за 2021 година, истакнува дека тоа претставува јасен показател дека тие им даваат приоритет на своите клиенти во текот на многу тешка година кога гарантирањето дека нивниот глас ќе се слушне е од клучно значење.

– Ова достигнување ја претставува посветеноста на Меѓународниот аеродром Скопје за доследно обезбедување извонредно искуство според мислењето на нивните клиенти, вели во пишана изјава Де Оливеира.

Иницијативата на АЦИ за квалитет на аеродромските услуги е единствената глобална програма за мерење на задоволството на патниците додека патниците се на аеродромот. Имплементирана на близу 400 аеродроми ширум светот, програмата ASQ обезбедува длабинска проценка на квалитетот на искуството за услуги на клиентите. Добиената база на податоци овозможува сеопфатна анализа на искуството со услугите на клиентите на секој аеродром што учествува во иницијативата. Резултатите од оваа година ги препознаваат победниците на ASQ наградата како најдобри аеродроми во светот поради квалитетот на искуството на клиентите.

Новите прашања поврзани со здравјето и хигиената додадени во прашалникот за истражување во 2020 година им овозможуваат на аеродромите подобро да го разберат одговорот и реакцијата на клиентите кон новите здравствени мерки поврзани со КОВИД-19 и соодветната категорија на награди ги препознава аеродромите кои успешно одговориле на нив во очите на патниците.

Од податоците собрани во 2021 година од над 370.000 истражувања, 111 награди освоиле 88 аеродроми ширум светот. Категориите на награди вклучуваат Најдобри аеродроми по големина (по број на патници годишно) и регион, како и Најдобри хигиенски мерки по региони, од кои има 46 добитници. И покрај предизвиците што сè уште актуелни и во 2021 година поради пандемијата, аеродромите успеаја да соберат над 370.000 анкети од нивните клиенти во текот на годината и 111 награди се доделени на 88 аеродроми ширум светот.

ТАВ Македонија за првите два месеца од 2022 година бележи вкупно 215 227 патници на двата аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Тоа е пад на вкупниот број патници за 29 проценти, споредено со статистиката за јануари и февруари во 2019, како референтна година, додека во однос на 2021 година статистиката покажува позитивен тренд на зголемување на бројот на патници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ОКТА ќе дели дивиденда

Редакција

Испораката на природен гас за Македонија не е прекината, имаме алтернативи, тврди Бектеши

Редакција

ТАВ аеродроми најавува: Грчки Aegean ќе воведе нова авиолинија Скопје-Сараево од октомври

Редакција