Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна, и сѐ додека е така, остануваме на првото сценарио – настава со физичко присуство. Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија.
Но, засега сѐ укажува дека состојбата е стабилна и дека учениците се безбедни во училиштата, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
Соопшти дека над 75 отсто од наставниците се вакцинирани, што е двојно повеќе од националниот просек, под 1 процент е бројот на позитивни и активни случаи во училиштата.
Од почетокот на учебната година до денеска, рече таа, нема надминување на 0,3 проценти позитивни и активни ученици во основно и средно образование, а на дневно ниво нема надминување на 0,03 односно процентот се движи од 0,01 до 0,03.
– Исто така, и проценката што ја правеше Министерството за здравство покажа контрола на епидемијата во училиштата, што, пак, покажува дека мерките се почитуваат и протоколите се добро дизајнирани и добро се спроведуваат. Секако, како и минатата година, и оваа година ја следиме состојбата на дневно ниво.
Токму затоа, сѐ додека состојбата со ковид е стабилна во училиштата, ќе го предлагаме моделот со физичко присуство. Ако Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство алармираат дека има други закани по здравјето на учениците поврзани со ковид, тогаш, секако, ќе преземеме други мерки и ќе дискутираме за други сценарија, изјави Царовска.
На новинарско прашање дали смета дека ќе биде дел од реконструкцијата на Владата, министерката одговори дека мандатот го добива по гласање на Собранието и на предлог на мандатарот и додека е тоа така ќе ги извршува дневните активности во Министерството за образование и наука и задачите за почнатите реформи што ќе ги подобрат образованието и науката.
-Сѐ додека е така продолжувам да ги остварувам задачите што првенствено ми се дадени од граѓаните и остануваме во таа насока. Доколку има предлог од мандатарот, тој сигурно носи одлуки во интерес на граѓаните, и согласно со реализираните резултати дека тоа ќе биде прифатено, рече Царовска.
МИА/Фото: МИА