еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Совет на амбасадори: ЕУ да не го условува почетокот на преговори со донесување уставни промени

По повод францускиот предлог за одблокирање на пристапниот пат на Македонија кон ЕУ, Советот на амбасадори смета дека членството во ЕУ нема алтернативи и е не само од стратешко значење за нашата држава, туку и безбедносно прашање за целиот регион.

Во оваа насока, Советот ги поздравува напорите на претседателот Макрон и на канцеларот Шолц, како и на другите лидери и дипломати на ЕУ и САД, кои активно ја подржуваат интеграцијата на Македонија во ЕУ.

„Во отсуство на јавна објава на интегралниот текст на францускиот предлог, кој ја бранува македонската јавност и создава бројни негативни реакции кои го јакнат евроскептицизмот и национализмот во државата, Совет на Амбасадори смета дека треба најнапред да се добие целиот текст, внимателно да се анализира, а потоа да се заземат соодветни позиции кои ќе ги одразуваат долгорочните национални интереси на државата и нејзините граѓани.

Совет на Амбасадори смета дека преговарачката рамка претставува мултилатерален документ, чија намена е да послужи како водилка за темелно реформирање и пристапување на државата- кандидат кон Европската Унија.

Отттука, Советот изразува надеж дека земјите-членки на ЕУ ќе усвојат рамка која ќе го отсликува мултилатералниот карактер на документот, а Бугарија ќе биде на ниво на пријателска држава во чиј национален интерес е соседната држава Македонија да стане полноправна членка на ЕУ,“ се вели во соопштението.

Советот смета дека утврдувањето на „преговарачката рамка“ и управувањето со механизамите за нејзино спроведување треба да биде реализирано од Брисел, а не Софија. На тој начин ќе се намали можноста за „зачестени блокади“ на пристапниот процес, од што најмногу стравуваат граѓаните на нашата држава.

Совет на Амбасадори се надева и очекува ЕУ да има доволно чувство за реална проценка на политичката состојба во Македонија и да не го условува почетокот на преговорите со донесувањето на уставните промени, туку таквиот процес да биде поместен за кога тоа ќе го дозволат политичките и општествените услови.

Совет на Амбасадори уште еднаш подвлекува дека сегашниот консенсуален начин на донесување на одлуки ги блокира процесите на одлучување во Унијата, и неодамнешната констатација на канцеларот Олаф Шолц дека „ЕУ треба да ги модернизира структурите и процесите за носење одлуки„ го смета за вистински исчекор кон нејзино реформирање.

Совет на Амбасадори апелира до Владата да го сочува достоинството на нашите граѓани и да ги почитува и опстои на црвените линии за зачувување на идентитетот и интегритетот на Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Академик Ќулакова: Вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот како државотворно, значи релативизирање на државотворната улога и статус на мнозинскиот народ

Францускиот предлог носи бројни ризици и е преседан, Владата да не молчи, порачаа од ЕПИ и ИДСЦС

Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) За 7. роденден еМагазин подели бесплатни заштитни маски на граѓани

Редакција

Мнозинството граѓани сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока

Редакција

Топлотниот бран ќе продолжи и наредната недела

Редакција