еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мнозинството граѓани сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока

Над две третини од граѓаните поддржуваат онлајн работа на Собранието, но 37% од нив сметаат дека онлајн треба да работат само пратениците кои се позитивни на Ковид-19 или се во самоизолација. 25% сметаат дека тоа не е потребно.

Ова го покажува теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март 2021 година на примерок од 1.010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Перцепцијата на граѓаните е дека извршната власт има поголема контрола врз Собранието отколку што Собранието ја контролира Владата, како што е предвидено според Уставот. Околку две третини (60%) од испитаниците изјавија дека Владата има целосна или делумина контрола врз Собранието.

Дури 74% од испитаниците се согласуваат со изјавата дека политичките кризи треба да се решаваат во Собранието, наместо на затворени средби меѓу раководствата на политичките партии.

Перцепцијата за учество на јавноста во работата на законодавниот дом, како еден од механизмите за поголема отчетност, транспарентност и одговорност на самата институција кон граѓаните е исклучително ниско. Дури 93% од испитаните граѓани досега не се обиделе да учествуваат во работата на Собранието, што меѓу другото се должи и на релативно ниското ниво на информираност (20%) за тоа кои се механизмите за учество. Половина од граѓаните (55%) имаат впечаток и дека Собранието до извесна мера е непристапно за учество на јавноста во неговата работа.

Над две третини од граѓаните сметат дека избраните претставници во Собранието секогаш тргнуваат од своите лични (70%) или интересите на својата политичка партија (76%), додека половина од граѓаните (52%) сметаат дека пратениците само понекогаш ги имаат предвид интересите на граѓаните.

На скала од 1 – најлошо, до 5 – најдобро, граѓаните во 2021 година ја оценија работата на Собранието со средна оценка 2,6, што е на исто ниво со 2020 година, но бележи благ пад на скалата, споредено со изминатите 3 години.

Мнозинството сметаат дека животот во државата се движи во погрешна насока (51%), додека за 37% од испитаниците животот се движи во правилна насока. Најголеми песимисти во однос на ова прашање се граѓаните од Вардарскиот регион во државата.

Во однос на довербата на граѓаните во институциите, Претседателот на државата ужива највисока доверба меѓу граѓаните, споредено со Владата, Собранието и Судството. На скала од 1- најмалку до 10- најмногу, граѓаните довербата до Претседателот на државата ја оцениле со 4,5, по неа следат Владата (4,3) и Собранието (4,2) и со најниска доверба го оцениле судството со 3,1.

„Со цел да ги информираме пратениците и креаторите на политиките за тоа што граѓаните мислат за вакцинацијата против Ковид-19, оваа анкета вклучи и три прашања за тоа дали граѓаните би се вакцинирале, со која вакцина би се вакцинирале и дали се задоволни со мерките кои Владата ги презеде за да ја адресира состојбата со здравствената криза.

Половина од граѓаните (50%) изјавиле дека би се вакцинирале, додека 34% од испитаниците одговориле дека не би се вакцинирале, од друга страна 16% од граѓаните сѐ уште се двоумат.

Најголем дел од граѓаните (39%) би се одлучиле да се вакцинираат со вакцината на Фајзер, додека втора по ред е вакцината Спутник (21%). Малку преферирани се вакцините Синофарм, за која би се одлучиле 6% од граѓаните, потоа е Модерна која ја преферираат 5% од граѓаните, додека најмалку посакувана вакцина е АстраЗенека која би ја одбрале само 3% од граѓаните. 27% од граѓаните не знаат или немаат одговор за тоа која вакцина ја преферираат,“ се вели во соопштението.

Од друга страна мнозинството од граѓаните сметаат дека Владата не прави доволно за да ја адресира состојбата со актуелната криза. На прашањето дали Владата прави доволно за да ја адресира состојбата со здравството, економијата и образованието, 53% од испитаниците одговорија негативно, додека само 39% од граѓаните се задоволни со мерките преземени од страна на Владата за адресирање на состојбата со здравството, економијата и образованието за време на кризата.

Програмата за Парламентарна Поддршка (ПСП) ги поддржува напорите на Собранието на Република Северна Македонија за поголема независност преку градење консензус, структурни реформи и градење на капацитетите во институционалниот развој на Собранието; во неговите законодавни и надзорни улоги; како и во неговата институционална транспарентност и отчетност.

Проектот, финансиран од Швајцарска амбасада, се спроведува од страна на Националниот демократски институт, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Центарот за управување со промени, за поддршка на стратешкото планирање на Собранието; за реформи во управувањето со човечките ресурси; за подобрена проценка на влијанието на регулативата и процесите за јавни набавки; за посветеност кон отворени податоци и преку мерењето на јавното мислење и следењето на напорите за реформи, вклучително и за поголемо граѓанско ангажирање во процесите на креирање политики.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Твитер за првата дебата на Силјановска, Река и Пендаровски: „Да сум Заев или Мицковски више не би се појавил ни на интервју“

Редакција

Инфлацијата во февруари 16,7%

Редакција

Се трага по давеник во Дојранско Езеро, се превртел со педалинка, а не знаел да плива

Редакција