еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Државата да обезбеди независност, професионалност и непристрасност на судскиот систем, порачаа Борел и Вархеји

Денеска во Скопје Советот за стабилизација и асоцијација (СА) помеѓу ЕУ и Македонија го одржа својот 16-ти состанок. На состанокот претседаваше премиерот Димитар Ковачевски, во делегацијата беа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Делегацијата на ЕУ беше предводена од Жозеп Борел Фонтелес, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, како и Оливер Вархеји, комесар за соседство и проширување, кои ја претставуваа Европската комисија, соопштија владините служби.

„Ова е првпат Советот на СА да одржува состанок во Северна Македонија, со што се потенцира целосната и недвосмислена посветеност на перспективите за членство на Западен Балкан во ЕУ, како и кон процесот на пристапни преговори на Северна Македонија.

Состанокот беше можност да се разгледа напредокот што Северна Македонија го постигна во подготовките за членство во ЕУ и во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и да се дискутира за натамошната работа што е потребна.

Учесниците го поздравија напредниот процес на аналитичко прегледување на законодавството на ЕУ (скринингот), додека со нетрпение го очекуваат завршувањето на скрининг процесот“, се додава во соопштението.

Учесниците, како што се дополнува, ја поздравиле јасната стратешка цел на ЕУ и амбицијата на Македонија да напредува во процесот за пристапни преговори врз основа на континуиран напредок со реформите, истовремено потврдувајќи ја посветеноста на ЕУ за натамошна поддршка на Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ.

Учесниците, исто така, ја истакнале важноста од постојани реформи и натамошно консолидирање на нивната имплементација, во интерес на граѓаните на  Македонија.

„Имајќи ја предвид новата геополитичка реалност по војната на агресија на Русија врз Украина, ЕУ силно ја подвлече важноста од натамошно продлабочување на соработката за прашања од надворешната политика.

ЕУ го поздрави и пофали мошне добриот напредок на Северна Македонија со целосното и доследно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ.

Ова е силен израз на стратешкиот избор на Северна Македонија и нејзиното место во заедницата на вредности. ЕУ, исто така, го поздрави одржувањето на Претседателството со ОБСЕ 2023 од страна на Северна Македонија во глобалниот контекст исполнет со предизвици“, дополнуваат од Владата.

Учесниците ја истакнале важноста од натамошниот севкупен напредок во областите што ги покриваат Поглавјата 23 (Правосудство и човекови права) и 24 (Правда, слобода и безбедност).

Надоврзувајќи се на веќе постигнатиот напредок, потребни се постојани напори за да се обезбеди независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем. ЕУ ја охрабрила Македонија да продолжи со консолидирањето на достигнувањата во истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаи на корупција, вклучително и на високо ниво.

Советот за СА го поздравил склучувањето на Договорот меѓу Македонија и Европската унија за оперативните активности што ги врши европската погранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во Македонија и со нетрпение го очекува неговото стапување во сила.

ЕУ ги охрабрил сите страни во Собранието да продолжат конструктивно да работат заедно и да изградат меѓупартиски консензус што ќе се фокусира на преземање конкретни чекори во преговарачкиот процес и одржувањето на тековната динамика на реформите.

Во врска со економските случувања, Советот за СА потсетил на „Заедничките заклучоци на Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција“ за Програмите за економска реформа одржан на 24 мај 2022 година и ја охрабрил Владата да се фокусира на нивното спроведување и следење. Ја повикал земјата да ги решава преостанатите клучни предизвици и да ги ублажи негативните последици од војната на агресија на Русија против Украина.

Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи од процесот на проширување, како и процесот за стабилизација и асоцијација. Постојните билатерални договори, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, треба да бидат спроведени со добра волја.

“ЕУ ќе продолжи да ја зацврстува и интензивира својата вклученост, на сите нивоа, за да ја продолжи политичката, економска и социјална трансформација на Северна Македонија, вклучително и преку непрекината помош врз основа на опипливиот напредок во делот на владеење на правото и социо-економските реформи, како и на придржувањето до вредностите, правилата и стандардите на ЕУ.

По усвојувањето на правната рамка за Инструментот за претпристапна помош (ИПА) III, што е главен извор на средства, ЕУ ја подвлече потребата од зацврстување на административниот капацитет на ИПА структурите со цел да се овозможи непречено спроведување на ИПА III програмите.

ЕУ со нетрпение го очекува целосното спроведување на Економскиот и инвестициски план и Зелената и дигитална агенда за Западен Балкан, две важни алатки за надминување на социо-економскиот јаз, подобрување на инфраструктурата и поврзаноста и поддршка на зелената и дигитална транзиција на регионот истовремено градејќи отпорност и енергетска независност“, велат од таму.

Во изминатите три години Македонија доби грантови во износ од 276,3 милиони евра и 362,5 милиони евра во заем во рамките на Економскиот и инвестициски план.

Учесниците исто така потсетиле на важноста на Пакетот за енергетска поддршка на ЕУ во вредност од 1 милијарда евра за Западен Балкан (500 милиони во грантови и 500 милиони во поволни заеми и гаранции), од кои 80 милиони евра за Македонија се насочени кон заштита на најранливите групи погодени од енергетската криза, особено бизнисите, домаќинствата и малите и средни претпријатија, додека истовремено се унапредува енергетската транзиција и диверзификација. Првата транша од 72 милион евра веќе беше исплатена.

Советот за стабилизација и асоцијација, исто така, разменил и ставови за настаните во Македонија и за регионалната ситуација на Западен Балкан.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Градежен работник е новиот позитивен на корона вирусот во Кавадарци

Редакција

Државниот инспекторат за земјоделство кај Калишта одзел 73 рибарски мрежи и 33 кг охридска белвица

Редакција

Пет дена ја нема Вања Ѓорчевска: Што досега направи полицијата

Редакција