Задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високообразовни установи во два семестри, натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, се дел од одредбите кои се наведени во предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, за кој Советот за македонски јазик, стручно тело при Владата, отпочнува јавна расправа за консултации.
– Во предложениот Закон, со промените се предвидува задолжително ангажирање или вработување на лектори по македонски јазик во сите државни и јавни установи и институции, како што се Владата, Собранието и министерствата па сè до локалната власт, универзитетите, научните институции, средните и основните училишта, медиумите и сите други чинители во општествениот живот во земјава, како во државниот така и во приватниот сектор, соопшти владината прес-служба.
Во соопштението се истакнува дека со предлог-законот се утврдува и задолжително изучување на македонскиот јазик на сите високообразовни установи во два семестри, што не беше практика досега, а првпат се предвидуваат и стипендии за студентите по македонски јазик и литература на сите три циклуси на високото образование и на сите универзитети во државата.
– Согласно измените на предложениот Закон, предвидена е натамошна афирмација на македонскиот јазик во странство преку обновување на старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високообразовните и научните установи што се занимаваат со славистика, во државите во кои се изучувал досега, како и во оние држави каде што македонскиот јазик воопшто не бил застапен досега.
Ова особено се однесува на соседните држави како Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и на земјите од поширокото соседство: Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција, информираа од владината прес-служба.
Посочија дека со новиот закон се предлага, македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при амбасадите во странство, како одговор на желбите и предлозите на Македонците во дијаспората.
– Нацртот на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик има за цел не само издигнување и зацврстување на употребата на македонскиот јазик на сите рамништа, туку има и функција на привлекување на сите граѓани на кои македонскиот јазик не им е мајчин. И во таа смисла е во согласност со Законот за употреба на јазиците. Новиот Закон е во насока на нашиот јазик за евроатлантските интеграции и за неговата службена употреба во овие институции и во насока на спротивставување на сите напади и негирања однатре и однадвор, на кои, за жал, сме сведоци и во 21 век и на почвата на Европа, се додава во соопштението на Влада.