Бројот на загинати во шумските пожари во Мауи, на Хаваи до сега изнесува 89, што го прави најсмртоносниот шумски пожар во САД во повеќе од сто години, соопштија официјални лица.
Тимовите за пребарување со кучиња ги поминуваа урнатините на Лахаина, четири дена откако пожарот го срамни историското одморалиште, уништувајќи згради и автомобили.
Гувернерот Џош Грин на прес-конференција предупреди дека бројот на загинати ќе продолжи да расте.
Во однос на бројот на загинати, тоа е најлошата природна катастрофа на Хаваите во историјата, надминувајќи го цунамито во кое загинаа 61 лице во 1960 година, една година откако Хаваи стана американска држава.
Властите почнаа да им дозволуваат на жителите да се вратат во Западен Мауи, иако пожарната зона во Лахаина остана забарикадирана.
Официјалните лица предупредија дека отровните испарувања би можеле да доаѓаат од областите во кои тлее пожарот и истакнаа дека операциите за пребарување продолжуваат.
Стотици луѓе се уште се водат како исчезнати, а точниот број не е познат.
Трошоците за обновата на Лахаина се проценети на 5,5 милијарди долари, според Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА), при што повеќе од 2.200 објекти се оштетени или уништени и повеќе од 850 хектари изгорени.
Катастрофата започна во вторникот по полноќ, кога беше пријавен пожар во градот Кула, на околу 35 милји од Лахаина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Од рај се претвори во пекол: Најмалку 55 лица загинаа во пожари на Хаваи
МИА/Фото: Unsplash/видео: ABC News