Србија е на четвртото место во Европа по бројот на новозаразени со Kовид-19 на 100.000 граѓани и ситуацијата е сериозна, изјави денеска директорот на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Србија, Марјан Ивануша.
Дека епидемиолошката ситуација се компликува говорат и редовите пред ковид амбулантите во Белград, каде, како што јави дописникот на МИА, се чека со часови за прв преглед, а ковид болниците се преполни со болни.
Во понеделникот, единствената опција што ја предложи медицинскиот дел на Кризниот штаб е апсолутен локдаун, односно полициски час и забрана за контакти, бидејќи, според нив, тоа е најефикасен начин за седум до 10 дена да се намали бројот на заразени од коронавирусот во Србија.
Но, претседателот Александар Вучиќ, вчера порача дека „не мисли дека Србија е блиску до вонредна состојба“ и најави отворање на нова ковид болница во Нови Сад.
Денес членот на кризниот штаб, Предраг Кон, за ТВ Прва изјави дека нова седница на штабот се очекува во четврток или петок, и доколку не бидат донесени построги мерки, за што се залага медицинскиот дел, се поставува прашање дали медицинскиот дел останува во ова тело што го формираше Владата за борба против пандемијата на коронавирусот.
– Мора да биде јасно зошто сме таму. Јас разбирам компромис што не е дел од медицинската професија. Но, нема компромис во медицината и ние се обидуваме да го објасниме тоа, кажа Кон.
Тој додаде дека на состанокот на Кризниот штаб што ќе се одржи утре или во петок, тој ќе побара затворање на сите угостителски објекти и ресторани на најмалку седум дена.
– Ние цело време бараме такви мерки, а потоа почна приказната за вонредната состојба. Интересно е како сите се загрижуваме кога ќе почнеме да зборуваме за вонредна состојба. Ние не размислуваме за полициски час, но тоа би било на дневен ред подоцна.
Засега, далеку сме од воведување вонредна состојба, бидејќи тоа е процедура. Треба да работиме проактивно, досега доцневме околу две недели.
Бидејќи не постои оперативност со која можеме веднаш да реагираме. Медицинскиот дел стори сè што можеше. Сметаме дека ваквите благи мерки се недопуштени. Ќе го имаме тоа експоненцијално зголемување. Немаме доволно колективен имунитет, кажа Кон.
На прашањето како е можно да постои таков парадокс Србија да вакцинира најдобро во регионот и да е меѓу првите во светот според бројот на вакцинирани, додека истовремено расте бројот на новозаразени, Кон оцени дека само се чини дека тоа е случај само во Србија, истото е и во Израел.
– Под удар сме на две работи – вирусот мутираше, видот се смени и вирусот е позаразен, полесно се пренесува, посочи Кон.
Последната построга мерка во Србија беше минатиот викенд, кога во саботата и неделата угостителските објекти и трговските центри работеа до 14 часот.
И покрај ваквите мерки, сѐ позачестени се илегалните корона забави, со учество на 100-200 млади лица, кои полицијата ги казнува, а Обвинителството за една таква забава на Ташмајдан во Белград, побара повеќемесечна казна затвор за сопственикот и забрана за работа од 5 години.
Србија со денови бележи раст на новозаболени од коронавирусот, а вчера имаше драматичен раст од 4.157 заразени лица и 16 умрени пациенти, за разлика од ден претходно кога имаше 3.469 заразени и 16 починати.
МИА