Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази надеж дека процесот на ратификација на пристапниот протокол за Северна Македонија ќе се заврши до декември годинава, и дека на претстојниот самит на НАТО во Лондон земјата ќе стане полноправна членка.
Столтенберг ја упати пораката ден пред почетокот на министерскиот состанок за одбрана кој ќе се одржи утре и задутре во Брисел и на кој учествува македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
-Сите сојузници го потпишаа пристапниот протокол во февруари и потоа започнаа ратификациите, ратификациите одат доста брзо, обично, како што беше кога Црна Гора се зачлени, потребна е околу една година. Не е до мене колку брзо ќе ратификуваат, но би било многу добро ако можат да завршат до декември кога во Лондон ќе се состанат лидерите. Ако не биде тогаш, очекувам да се случи брзо потоа, изјави генералниот секретар на Алијанса, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој нагласи дека Северна Македонија ги исполнува стандардите за членство во НАТО и повторно ги пофали премиерите на Грција и Македонија за нивната храброст во решавањето на спорот за името.
Членството на Македонија во НАТО за Алијансата претставува и сигнал дека политиката на отворени врата успешно функционира.
-Проширувањето на НАТО е голема успешна приказна која помогна во ширењето на просперитетот, стабилноста и демократијата во Европа, истакна Столтенберг.
МИА/Фото: Влада