еМагазин
Image default
Македонија

Стоматолошка комора: Пломбирање заб не е итнo во време на корона вирусот

Кризната група на Стоматолошката комора се јави по вчерашната изјава на министерот за здравство, Венко Филипче дека граѓаните мора да добијат стоматолошки услуги, иако е вонредна состојба поради заразата од корона вирусот.

Оттаму информираат дека Стоматолошката комора е во постојана комуникација со Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести со цел да се преадаптира постоечкиот стоматолошки здравствен систем.

Во комората велат дека целта е освен да се задоволат потребите за неопходна и итна стоматолошка услуга на населението во услови на епидемијата со корона вирусот, сериозно да влијаат на спречување на ширење на вирусот преку стоматолошки интервенции и на отварање на т.н.стоматолошки кластери потврдени во Кина, но и во некои од земјите во Европа.

„Во секоја европска држава, а и во светот во услови на пандемија со КОВИД 19 стоматолошките ординации се комплетно затворени и нема ниту итни служби (на пр. Романија).

Или се отворени, но работат исклучиво итни стоматолошки состојби (на пр. Германија, Холандија, Унгарија, итн).

Или сите стоматолошки ординации се затворени и се формирани Итни стоматолошки пунктови (на пр. Словенија на ниво на цела држава има само седум пункта/ординации за целото население).

Кога говориме за итна стоматолошка состојба во целиот свет, посебно во европските земји вклучително и во нашата држава се подразбираат само и исклучиво состојби кои може да доведат до сериозно нарушување на општото и оралното здравје на граѓанинот“, велат од Комората.

Оттаму објаснуваат дека за итни стоматолошки состојби се сметаат поголеми крварења кои не сопираат за кратко време, фрактури/скршеници на заби или вилици, постојана забоболка која не се смирува со лекови против болка и состојби на оток, зголемена температура и тешко отворање на вилици од забно потекло.

„За итни стоматолошки состојби не се сметаат на пр. изработка на протетско помагало, лекување и пломбирање на заби, чистење на забен камен и сите други стоматолошки состојби кои во услови на нормално живеење реално и вистински го отежнуваат животот и комфорот на граѓаните.

Но, тие никако не се состојби кои треба да се третираат во услови на пандемија со Ковид -19, кој се покажа како многу вирулентен и кој се пренесува исклучиво преку плунка и аеросоли кои се нормална појава при рутински стоматолошки интервенции“, велат од Комората.

Од Комората појаснуваат дека во моментот во секој град во нашата земја, има Итни стоматолошки служби и кои секојдневно работат опремени за работа во услови за работа на итни, а не и за некомфорни стоматолошки состојби (во Скопје на пример има во моментот секојдневно, вклучително и саботи и недели 11 ординации за итни стоматолошки случаи од кои некои работат и во три смени 24/7, како и секојдневно работат и 4 специјалистички ординации по орална хирургија).

„Секој граѓанин при било каков проблем задолжително треба да го контактира телефонски својот матичен стоматолог, кој најдобро му го познава забниот статус и кој е најодговорен во случај да треба да се укаже итна стоматолошка интервенција да го советува пациентот каде и кога да се јави кај дежурниот стоматолог во итната служба независно дали има осигурување или нема.

Како за крај сакаме да Ве информираме дека Стоматолошка комора на Македонија од почетокот на сотојбата со Ковид- 19 има формирано Кризна група која секојдневно ги следи состојбите во сите општини во државата, работата на итните служби, бројот на случаевите со следење на дневни извештаи, видот на дијагнозите за кои се бара Итна помош и сите информации ги споделува со Министерството за здравство“, соопшти Комората.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Филипче: Секој кој бара стоматолошка услуга, треба да ја добие

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 132 лица заразени со корона вирусот, во Скопје 57

Редакција

ДИК: Излезноста до 18 часот е 49,29%

Редакција

Владимир Анчев е новиот државен секретар во Министерството за одбрана

Редакција