Тројца вработени на КЈП „Водовод“ од Кочани биле физички нападнати од граѓани додека отстранувале дефект на водоводната мрежа, при што се здобиле со сериозни повреди.
Според одговорните во претпријатието, еден од работниците има скршеница на ногата, друг добил удари и повреди на главата, а третиот поминал со полесни повреди, но доживеал психички стрес.
-Инцидентот се случил на улицата „Бел камен“ во Кочани, откако работници од групата за одржување и за теренски интервенции дошле да ја поправат водоводната цевка што била оштетена при градежни работи кои ги изведувала друга фирма.
По нападот вработените побарале лекарска помош. Еден од нив има гипс на ногата, а и другите двајца ја добиле потребната медицинска нега, но според лекарскиот наод неопходно е сите тројца да мируваат, па веќе се на боледување, истакна Драганчо Ставрев, технички директор на КЈП „Водовод“.
Со тоа, додаде, токму во летниот период кога просечно дневно имаме по десетина интервенции за отстранување дефекти, ние останавме без една од екипите.
-Одржуваме примарна и секундарна водоводна мрежа од 160 километри, плус уште 200 километри приклучоци до домаќинствата, можни се дефекти и прекини во водоснабдувањето што се трудиме да ги отстрануваме, но очекуваме граѓаните да имаат разбирање за тоа. Најмалку што треба е со насилство да се решаваат проблемите, посочи Ставрев.
Случајот бил пријавен во Одделението за внатрешни работи во Кочани, а полициски службеници направиле увид на настанот, по што се очекува соодветна пријава.
МИА