Финансискиот резултат заклучно со 30.9.2023 година на ТТК Банка АД Скопје изнесува 86,2 милиони денари и во споредба со истиот период претходната година е повисок за 40,6 милиони денари или 89,1%, информираат од Банката преку Македонската берза.
-Порастот се должи пред сè на зголемување на нетооперативната ефикасност од работењето, односно забрзан раст на оперативните приходи при контролиран раст на оперативните расходи.
Банката го оствари позитивниот резултат од работењето во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари, висока инфлација којашто бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.
ТТК Банка како активен, стабилен и етаблиран учесник на македонскиот финансиски пазар, на 18.5.2023 година, успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда и го зголеми својот почетен капитал (основна главнина) за износ од 57.698.000 денари.
Вкупниот капитал по извршената скрип емисија на 965.586 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари изнесува 965.586.000 денари, со што дополнително се зајакна билансот на состојбата на Банката.
Сето ова ја одразува посветеноста на ТТК Банка АД Скопје за обезбедување иновативни решенија за своите акционери, за создавање дополнителна вредност за нив и посветеност да им се обезбедат нови можности и придобивки од нивните инвестиции во Банката на долг рок, велат од таму.
Нето-приходите од камати претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето на Банката.
-Остварените нето-приходи од камати во периодот од 1.1.2023 до 30.9.2023 година изнесуваат 225,9 милиони денари и во однос на планот се остварени со 104%. Во однос на истиот период минатата година се зголемени за 43,6 мил. денари или 23,9%.
Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во тековниот период изнесуваат 132,1 милиони денари. Најголем придонес во генерирањето на приходите од провизии имаат провизиите од домашниот платен промет, како и провизиите од картичното работење, кои бележат пораст, во најголем дел, заради зголемените приходи од провизии од услугите реализирани преку проширената мрежа на банкомати и зголемениот обем на работењето со картичките.
Во однос на планот за овој период, нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги се остварени со 96%.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 11,3 милиони денари и бележат годишен раст од 8,9% како резултат на зголемениот обем на тргувања на девизниот и на менувачкиот пазар. Во однос на планот се остварени со 105%.
Останатите приходи од работењето на Банката изнесуваат 41,7 милиони денари и бележат годишен раст од 16,5% како резултат, пред сè, на реализирани приходи од капитална добивка од продажба на преземени средства. Во однос на планот истите се остварени со 83%.
Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 276,5 милиони денари и се за 1,5% повисоки во однос на истиот период минатата година, како резултат во најголем дел од повисоките трошоци за плати. Во однос на планот се остварени со 99%.
Периодот на посилен раст на приходите на Банката се искористи за јакнење на капацитетот за справување со идни кредитни загуби, со што исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 42,9 милиони денари и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката.
Заклучно со 30.9.2023 година, прокнижена е загуба заради оштетување на нефинансиските средства во износ од 6,3 милиони денари, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Драгољуб Арсовски купи над 3 илјади акции во ТТК Банка
ТТК Банка ја зголеми добивката за 36,6% во првото полугодие