Законска обврска на Националната комисија за учебници информира е разгледување на стручните мислења доставени од рецензентски комисии и Бирото за развој на образование (БРО) или Центарот за средно стручно образование (ЦССО), а не стручно вреднување на учебниците, соопшти денеска Комисијата во врска со реакциите за учебникот по историја и општество за петто одделение.
– Според Законот за учебници не е предвидено Националната комисија да има членови од сите поединечни области од предметите што се изучуваат во основните и средните училишта.
Оттука, во својот состав Комисијата нема експерти по сите научни области за директно да ги разгледува пристигнатите ракописи за учебниците по разни научни области. А и да има, тоа не е нејзина надлежност и обврска, туку на наменски формирани рецензентски комисии и на БРО или ЦССО, наведува Комисијата.
Во денешното соопштение се нагласува дека Законот за учебници во член 16 став 2, наведува дека рецензентската комисија е одговорна за настанатата штета во случај ако учебникот биде повлечен од употреба поради сериозни и очигледни грешки во стручното вреднување на ракописот за учебник.
– Во случајот со ракописот по предметот историја и општество за петто одделение, мислењата коишто во Националната комисија за учебници пристигнаа од БРО и од рецензентската комисија беа позитивни, но со листа на забелешки и сугестии, коишто треба да бидат внесени од страна на авторите пред да се печати учебникот.
Врз основа на добиените мислења за ракописот од БРО и рецензентската комисија, членот известител од Националната комисија на седницата одржана на 6.9.2022 достави негативно мислење и наведе дека ракописот не ги исполнува условите за учебник и не се препорачува за печатење.
Беше предложено ракописот да биде вратен на повторно разгледување на авторите и во целост да се извршат корекции согласно со дадените забелешки. Потоа во Националната комисија пристигнаа позитивни мислења за ракописот на учебникот од страна на БРО и на рецензентската комисија, во коишто јасно е наведено дека во целост се извршени корекциите по забелешките и со кои беше предложено учебникот да биде печатен, пишува во соопштението.
Како што се додава, по добивање на позитивните мислења со препорака за печатење на учебникот и водејќи се од нив, Националната комисија на седница на 27.10.2022 година донела одлука за прифаќање на ракописот, односно за одобрување и употреба на учебникот.
– Националната комисија во текот на целокупното свое работење, откако е формирана во март 2022 година, па сѐ до сега, исклучиво работи во рамките на законските надлежности. Националната комисија ќе продолжи, како и досега, да работи совесно и според Законот, а пред сѐ во интерес на учениците и нивното квалитетно образование, се истакнува во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ