Реплек АД Скопје ги зајакнува позициите на престижниот и пребирлив пазар на Европската Унија. Еден од најпродаваните фармацевтски производи „Ибупрофен“ веќе е достапен на пазарот во Унгарија.
Стручните тимови на компанијата работат на зајакнување на позициите на овој пазар, а се разгледуваат и можностите за зголемување на извозното портфолио и на други пазари во ЕУ.
Влезот на пазарот на Унгарија е потврда за стратешката определба на „Реплек АД“ Скопје и амбициозниот план на компанијата за раст и развој преку зајакнување на позициите на пазарите на фармацевтското портфолио.
Минатата година „Реплек АД“ Скопје, оствари раст на продажбата на странски пазари за 9%, што е позитивен сигнал за реализирање на новата стратешка определба на компанијата, имајќи превид дека дури 75% од своето производството го извезува во повеќе од 20 земји, а останатиот дел отпаѓа на домашниот пазар.
Покрај присуството на пазари во земји членки на ЕУ, компанијата со свои производи е присутна на пазарите и во Адриа регионот, како и на пазарите во ЗНД.
„Трансформација и развој на нашата компанија е суштината на нашата стратешка развојна политика. Промените не се случуваат преку ноќ, но веќе ги гледаме првите резултати и тоа за нас е само дополнителен мотив.
Влезот на унгарскиот пазар е од огромно значење за нас, бидејќи е потврда за високиот квалитет и големата конкурентност на нашите производи. Продолжуваме со нашата развојна политика со уште позабрзано темпо. Во Годишниот план за 2023 година, предвидуваме зголемување на консолидираните приходи за 23% во однос на 2022 година.
Овие проекции ги правиме врз основа на веќе направени договори со нашите купувачи на домашниот и странските пазари. „Реплек АД“ продолжува да гради успешна приказна која ќе биде препознаена и на домашниот, но и на странските пазари“, истакна Душан Пецовски, главен извршен директор на „Реплек АД“ Скопје.
Во фармацевтскиот деловен сегмент, компанијата планира и раст на приходите од 41% до крајот на 2023 година, во споредба со лани. „Реплек АД“ најави исплата на дивиденда од 1.800 денари по акција за 2022 година.
Најавата за поделба на дивиденда по акција е дополнителна потврда за солидниот развој на компанијата. Минатата година акционерите на „Реплек АД“ Скопје не добија дивиденда. Компанијата за прв пат објави и предлог за среднорочна дивиденда политика која ќе биде разгледувана на Годишното акционерско Собрание закажано за 26 април годинава.
Среднорочната дивидендна политика ќе овозможи поголема предвидливост на исплатата на дивидендата на подолг временски период, што е значајно за акционерите, но ќе обезбеди и подобри услови за континуиран развој.
Дивидендната политика се базира на остварување на годишна профитабилност на друштвото во распон од 60% до 150%, од последниот тригодишен просек, континуирано намалување на релативното ниво на задолженост и проширување и осовременување на работењето преку инвестирање. Се предвидува постепено зголемување на дивидендата од 15 евра, на годишно ниво.
Ставајќи го фокусот на фармацијата, компанијата продолжува да инвестира во воведување на иновации, модернизација и трансформација на компанијата. За да ги надмине предизвиците на енергетската криза „Реплек АД“ инвестираше 34,465 милиони денари во фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 940 kWp, заменувајќи над 40% од вкупната потрошувачка на електрична енергија со обновлива сончева енергија.
Компанијата доби и А – интегрирана еколошка дозвола, што е потврда за одговорното работење, континуираниот мониторинг и намалување на влијанието врз животната средина.