еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Универзитетското студентско собрание бара еднократна социјална стипендија за сите финансиски загрозени студенти

Воведување на еднократна социјална стипендија во износ од 6.000 денари за сите студенти засегнати од финансиската криза, но и доделување на електронски уреди за оние студенти на кои им се потребни поради следење на онлајн наставата, се дел од мерките кои денеска ги побара Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на Универзитетското студентско собрание Борјан Ефтимов, овие мерки ќе им помогнат на сите студенти кои директно се засегнати од финансиската криза поради вонредната состојба.

Според него, потребно е воведување на вонредна социјална стипендија за семејствата кои се исклучително погодени од кризата, кои одржуваат студенти и имаат приходи помали од просечните приходи, односно помалку од 14.000 денари.

“Ние се фокусиравме на краткорочни и долгорочни мерки кои финансиски ќе ги помогнат студентите. Во однос на краткорочните мерки, бараме воведување на вонредна социјална стипендија, по теркот на социјалната стипендија која ја доделува Министерството за образование за семејствата кои се исклучително погодени од кризата, кои одржуваат студенти и имаат приходи помали од просечните приходи, односно помалку од 14.000 денари по член на семејството, а одржуваат студент“, рече тој.

Оваа вонредна еднократна социјална стипендија, како што рече Ефтимов, треба да биде во износ од 6.000 денари, за да ги задоволи минимум потребите на студентите во следните неколку месеци.

Тој додаде дека е покрената и иницијатива за прибирање податоци за студенти кои не располагаат со уреди за следење на наставата, и бараат донатор кој ќе ги обезбеди тие уреди.

„Собравме податоци и сега почнуваме со постапка за барање на донатор, некој кој ќе ги обезбеди тие уреди. Апелираме до сите општестевно одговорни компании кои ќе ги исконтактираме да се одважат на повикот и да да им донираат на студентите електронски уреди за следење на наставата“, изјави Ефтимов.

За сите семејства кои останале без работа во месец април, Универзитетското студентско собрание бара да бидат исто така вметнати со уште една вонредна социјална стипендија исклучиво за овие семејства, а финансираат студенти.

„Бараме Министерството за образование да ја имплементира оваа стипендија и студентите да се пријавуваат како би можеле да добијат едно од двете, дали за исклучително ниски примања или за студенти кои останале без работа.

Дополнително ќе се фокусираме и на долгорочни мерки и повикуваме на социјален дијалог меѓу институциите, студентите, да разгледаме заедно кои се мерките кои би ги опфатиле понатаму од септември,“ додаде Ефтимов.

Во однос на прашањето дали одржување на онлајн наставата дава резултати, Ефтимов рече дека голем дел од професорите ја одржуваат наставата кога природата на материјата го дозволува тоа, а за секоја настава која бара физичко присуство, треба да се одржи во текот на летниот период.

„Наставата која не може да се одвива онлајн, треба да се доврши во текот на летните месеци. Студентите кои имаат практична настава реално не можат да ја изведуваат, и поради тоа, кога ќе настапат околности да може физички да се присуствува на наставата, да можат да го добијат знаењето за кое се запишале на факултетот.

Ние како Универзитетско собрание исто така сметаме дека преку онлајн полагање не испити или колоквиуми не може да се гарантира квалитетот, а и ќе се создаде разлика меѓу студенти кои имаат услови да полагаат онлајн и студенти кои немаат брз интернет и современи уреди за да ги полага испитите. Затоа треба да има дополнителни сесии, кога ќе има услови за тоа,“ рече Ефтимов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет најниски плати во Македонија

Редакција

И државната ЕЛЕМ ќе треба да отпишува долгови за струја, Анѓушев вели дека нема да се трошат пари од Буџетот

Редакција

Од денеска почнува етапната исплата на декемвриските пензии

Редакција