Во Кривичниот суд во Скопје почна рочиштето на кое треба да бидат објавени пресудите за 17-те преостанати, од првично 33 обвинети за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, познат во јавноста како „27 април“.
Предметот го води судијката Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Судскиот процес почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија беа помилувани 15 лица.
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.
Чавков на денешното рочиште е спроведен од затворот „Скопје“, каде што се наоѓа поради одредената мерка притвор поради страв од бегство. Основното јавно обвинителство на 12 овој месец, по добиени сознанија и поради страв дека поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор.
На извршителите во овој процес јавното обвинителство им придодаде и петмина организатори на настаните од 27 април: Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски, кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Пресуда за “27 април”
Posted by MИА.mk on Петок, 15 март 2019
МИА/Видео: МИА