еМагазин
Image default
Македонија

Вишото обвинителство ќе го испитува градењето водовод во Синичане и постапувањето на обвинителката Кадриу

Случувањата во тетовско околу почеток на изградба на водовод ќе ги испитува и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).

Оттаму информираат дека Вишото јавно обвинителство ќе го испитува предметот, како и постапувањето на тетовската обвинителка Лејла Кадриу.

-Поради различните информации во медиумите и на социјалните мрежи за учеството на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, Лејла Кадриу на место на кое се изведувале работи на водовод во тетовско и повеќе нејаснотии во нејзиното постапување Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска писмено побара од Вишото јавно обвинителство Гостивар да изврши увид во предметот, врз основа на член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за јавно обвинителство, се вели во соопштението.

По извршениот увид, Вишото јавно обвинителство Гостивар треба веднаш да достави информации, а по приемот и анализата на добиената информација, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе донесе соодветна одлука, посочуваат од ЈОРСМ.

-Треба да се направи увид за кое кривично дело и спрема кои сторители во конкретниот случај се води предистражна или истражна постапка, врз основа на кои основи на сомневање е поведена постапката и какви сознанија и докази му се презентирани на јавниот обвинител за отворање на предметот, како е доделен предметот во работа на обвинителот, кога и какви дејствија тој презел и какви наредби издал.

Вишите јавни обвинители треба да проверат и дали, согласно законот и согласно Задолжителното упатство, за конкретните дејствија требало увид на лице место и особено дали е изготвен записник за увид, дали обвинителот го презел раководењето со постапката согласно член 41 од Законот за кривична постапка и дали за тоа ја известил полицијата, дали некои од дејствијата се преземени спротивно на функцијата јавен обвинител, како и други релевантни околности во конкретниот настан, посочуваaт од ЈОРСМ.

Неколку дена по ред општина Боговиње се обидува да започне да гради водовод за селото Синичане од изворот во месноста Буновец.

Мештаните од селото Урвич не дозволуваат да се користи тој извор затоа што е во нивни атар, а посочуваат дека општината има само одлука на Совет без соодветни дозволи од надлежните министерства.

Мештаните од двете села се обидуваат да сигнат до месноста Буновец, но полициски специјалци се на терен, со цел да не се дозволи нарушување на јавниот ред и мир.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски информираше и дека до Обвинителството во Тетово е поднесено известување за сомнение за сторено кривично дело бесправно градење.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Конфликт за водовод помеѓу мештаните на Синичане и Урвич, полицијата на терен да спречи конфликт

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продолжува судењето за насилството во Собрание

Редакција

Македонија се придружува кон рестриктивните мерки на ЕУ кон Турција

Редакција

Убава вест: Во Дебар расте бројот на оздравени, новозарзени нема веќе 12 дена

Редакција