Вишото јавно обвинителство Скопје побара да се одбијат како неосновани жалбите поднесени од обвинетите во предметот „Транспортер“, а делумно да се уважи жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
-По донесување на Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот во јавноста познат како „Транспортер“, поднесени се жалби од обвинетите и нивните бранители по сите жалбени основи.
Тие бараат првостепената пресуда да се укине и предметот да се врати на повторно разгледување и одлучување. Јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје по извршениот увид во списите на предметот и сеопфатна анализа на доказите, до Апелациониот суд Скопје достави предлог во однос на поднесените жалби, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.
Имено, како што се додава во соопштението, Вишото јавно обвинителство Скопје смета дека при донесување на пресудата, Основниот кривичен суд Скопје правилно ги утврдил околностите по однос на времето, местото и начинот на извршувањето на кривичните дела, меѓусебната комуникација на обвинетите, нивните врски, како и начинот на преземање на инкриминираните дејствија.
Оттука, Вишото јавно обвинителство Скопје цени дека Судот правилно ги одмерил досудените казни ефективен затвор на обвинетите лица.
Во соопштението се наведува дека истовремено Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Жалба на донесената пресуда за обвинетите, барајќи од надлежниот суд на лицата на кои им е изречена ефективна казна затвор да им изрече повисоки казни, а на оние обвинети на кои со пресудата им се изречени алтернативни мерки, односно условни осуди, надлежниот суд да им изрече соодветни затворски казни.
Воедно, Oбвинителството со Жалбата му предлага на судот наместо конфискувана имотна корист во износ од 695.611 денари од едно од правните лица, да се конфискува имотна корист во износ од 857.637 денари.
-Вишото јавно обвинителство Скопје по целосно разгледување на предметот му предложи на Судот делумно да ја уважи Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Повисокото Oбвинителство ја прифати жалбата во делот на обвинети кои се осудени како соизвршители, со оглед на тоа што без нивните дејствија не би можело да се исполнат обележјата на кривичното дело што им се става на товар на обвинетите, ниту пак превозниците би прибавиле противправна имотна корист.
Жалбата е прифатена и во делот на изречената казна под законскиот минимум за дел од превозниците. Исто така Вишото јавно обвинителство Скопје ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во делот на конфискуваната имотна корист, сметајќи дека во пресудата износот на конфискуваната имотна корист треба да биде 857.637 денари, се посочува во соопштението.
Вишото јавно обвинителство Скопје не ги прифати поднесените жалбени наводи на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои се однесуваа на барање за зголемување на висината на изречените казни ефективен затвор на останатите обвинети.