Петте предлог-закони со европско знаменце предложени од Владата кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д стигнаа во Собранието.
Како што е објавено на веб-страницата на законодавниот дом, овие пет предлог-закони се ставени на 115. пленарна седница закажана за во среда во 11 часот.
Станува збор за предлог-измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Македонија.
Како што може да се види од собраниската веб-страница, во образложенијата на сите предложени измени на законите, делот пет, односно точката 5 насловена како: „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“, е празен.
Ако во среда на пленарна седница го поминат првиот филтер за потребата од скратена постапка, најверојатно експресно ќе се најдат и на собраниската Комисија за европски прашања.
Од Делегацијата на ЕУ во Македонија деновиве посочија дека се против употребата на европското знаменце за носењето на законите за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на делниците од автопатите од коридорите 8 и 10д.
МИА/еМагазин/Фото: Влада