Денеска, министерката за одбрана Славјанка Петровска го назначи Владимир Анчев за државен секретар во Министерството за одбрана (МО).
-Анчев во својата кариера има работено на бројни менаџерски позиции во јавниот и во приватниот сектор. Во речиси две деценискиот работен ангажман има стекнато богато искуство во доменот на меѓународната соработка и менаџментот на човечките ресурси – првенствено во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како соработник за меѓународна соработка, а потоа и во Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за информатичко општество и администрација каде фокусот го става на развојот на софтвер за управување со човечки ресурси за 1.300 институции, како и воведување и одржување на стандарди за управување со квалитет.
Работната кариера ја продолжува во приватниот сектор како менаџер за човечки ресурси, каде го води процесот за воведување на оддел за човечки ресурси и подготовка на правилници за внатрешна организација, како и анализа на трудот и спроведување на функционална анализа, информираат од МО.
Во Министерството за одбрана работи од октомври 2020 година како посебен советник, а од декември 2021 активно придонесува во функционирањето на Министерството како државен советник.
-Анчев има организирано голем број обуки од областа на менаџментот со посебен фокус на човечките ресурси, член е на Македонската асоцијација за човечки ресурси и Регионалната школа за јавна администрација, а автор е и на поголем број истражувачки трудови посветени на развојот на системот за јавна администрација, велат од МО.
Тој дипломирал право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Фото: МО