Во основните училишта во Европската унија во просек има 13,6 ученици на еден наставник, додека кај нас 15. Најмногу ученици на наставник има Романија – 19,5, а најмалку Луксембург – девет.
Според податоците на Евростат, во основно образование во 2018 година на ниво на ЕУ имало 24,5 милиони ученици и 1,8 милиони наставници.
На ниво на ЕУ просечниот број на ученици на еден наставник во основно образование е намален од 14,3 во 2017 година на 13,6 во 2018 година. Најмногу ученици на наставник во 2018 има во Романија – 19,5, по што следат Чешка и Франција со по 19,2 ученици.
На другиот крај, најмалку ученици на еден наставник во основно образование има во Луксембург – 9, по што следи Грција – 9,2 и Полска – 9,6 деца на еден наставник.
Во регионот најмногу ученици на наставник има Србија – 15,1, по што следи нашата земја со 15 ученици на еден наставник. Бугарија и Хрватска се под просекот од ЕУ со по 13,7 ученици на еден наставник, по што следи Словенија со 10,3. Најмалку ученици на наставник има Грција – 9,2. За Албанија, Црна Гора и Косово нема податоци.
Генерално, децата започнуваат со школски програми во основно училиште на возраст меѓу 5 и 7 години. Програмите се дизајнирани да овозможат вовед на децата во читање, пишување и математика, како и основни познавања во други области како историја, географија, природа и наука, уметност и музика.
Односот ученици – наставник е пресметан со проста поделба на вкупниот број на ученици во основно училиште со вкупниот број на наставници во основно образование и не значи дека ја отсликува просечната големина на едно одделение.
МИА