Со традиционалното виткање на речиси 70.000 мали посни сарми, Прилеп ги почна подготовките за годинашната прослава на патрониот празник на градот – „Свети Никола“.
За ова се ангажирани 40-ина жени, членки на прилепските здруженија кои денеска ги приготвуваат малите посни сарми, карактеристични како специјалитет од прилепското поднебје.
„Планирано е да се приготват од 65 до 70.000 мали посни сармички и да се послужат на градската трпеза. За нив се обезбедени: 1.200 килограми зелка, 100-ина килограми ориз, а за трпезата се набавени и 200 килограми грав, 350 килограми риба. Планирани се и околу 2.000 литри пијалаци за да се збогати трпезата“, изјави Виолета Јованоска сопругата на градоначалникот Илија Јованоски, кои се домаќини на градската прослава на „Свети Никола“.
Фото: Општина Прилеп