Во Србија пристигна „Паксловид“ (Paxlovid), најсовремениот лек против коронавирусот, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Србија е првата земја во континентална Европа која го доби овој лек (во Европа доставен уште во Велика Британија), десет дена откако ЕМА (Европска агенција за лекови) ја одобри употребата и продажбата на овој лек, соопштија од српското Министерство за здравство.
Европската агенција за лекови (ЕМА) на крајот на јануари ја одобри антиковид пилулата од производителот Фајзер, која ќе стане првиот орален антивирусен лек против таа болест одобрен во Европската Унија.
„Паксловид е првиот орален антивирусен лек препорачан во ЕУ за третман на Ковид-19“, се наведува во тогашното соопштение на ЕМА.
Комисија на Министерството за здравство со која претседава проф. д-р Горан Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести, направи дистрибутивна листа врз основа на која лекот ќе се дистрибуира до здравствените установи во Србија.
„Паксловид“ е антивирусен лек кој содржи две компоненти ритонавир и нирматрелвир и е наменет за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со Ковид-19, кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Употреба на лекот се препорачува да започне во првите пет дена по појава на симптомите, се наведува во соопштението кое го пренесе РТС.
Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со Соединетите Американски Држави и Велика Британија, што потпиша договор со претставници на компанијата „Фајзер“ за купување на најдобриот лек против коронавирусot, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто.
По тој повод, министерот за здравство Златибор Лончар, истакна дека вакцината останува основно оружје во борбата против вирусот, а дека лекот „паксловид“ е дополнителен напор на државата за зачувување на здравјето на граѓаните.
МИА/Фото: Унсплаш