Ако биде екстрадиран во Македонија поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е азилант во Унгарија, ќе треба да одлежи казна затвор од најмалку девет години.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Екстрадиција на Груевски најави идниот премиер на Унгарија, Маѓар
Како што информираа од Основен кривичен суд Скопје за него се активни две потерници за извршување на санкции за предмети што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Станува збор за случајот „Насилство во Центар“, каде е осуден за кривичното дело „Насилство„ на затворска казна од 1 година и 6 месеци.
Извршувањето на казната застарува на 10.09.2027 година.
Втората потерница се однесува на случајот „Плацеви на Водно“, каде е осуден за „Перење пари и други приноси“ на седум години затвор и парична казна од 3.500 евра.
Извршувањето на казната застарува на 14.02.2043 година.
„Со оглед дека за истиот предмет е изречена и парична казна која не е наплатена, истата е заменета со казна затвор во траење од 180 дена, чие извршување застарува на 14.02.2027 година“, велат од Судот.
Казната пак за предметот „Тенк“, исто така на поранешното СЈО за набавката на луксузниот мерцедес за Министерството за внатрешни работи од две години му застарела на 16.10.2024 година, поради скандалозните измени на Кривичниот законик.
„Имено со оваа пресуда Н.Г. е огласен за виновен за сторено кривично дело “Примање награда за против законито влијние“ од чл. 359 ст.2 од КЗ и осуден на казна затвор во траење од 2 години, која пресуда е правосилна од 4.10.2018 година.
Апсолутна застареност за извршување на оваа пресуда согласно одредбите од чл. 109 и чл. 111 од КЗ, настапила на 04.10.2024 година. Поради тоа, судот по службена должност донел решение за апсолутна застареност на извршувањето на санкцијата“, велат од таму.
За Груевски се активни и предметите на поранешното СЈО, “Титаник“ и “Талир 2“, во кои му се суди во отсуство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како избега Груевски, за кого Унгарија најавува екстрадиција
Како работи фирмата на Груевски во Унгарија
Еден од становите на Груевски го купил бизнисмен од Гевгелија
Фото: Груевски/Фејсбук














