еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

За општество без корупција и институции со силен интегритет потребна е заедничка акција

Секој граѓанин е важен и може да даде придонес во борбата против корупцијата. Секој може и треба да пријави корупција доколку располага со информации. Заедничка акција во борбата против корупцијата, јакнење на интегритетот на институциите, промоција на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на укажувачите се главните пораки на Кампањата за интегритет, која е дел од проектот за „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“, чии корисници се Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Над 55 отсто од граѓаните сметаат дека институциите не се справуваат со корупцијата, а 53 отсто сметаат дека оваа појава е голем проблем во општеството, покажаа резултатите од истражувањето на јавното мислење, спроведено во рамките на оваа информативна кампања.

Испитаниците додаваат дека причината за ширењето на корупцијата во општеството се должи на отсуството на казни за сторителите.

„Борбата против корупцијата почнува со подигнување на свеста и носење на индивидуална одлука за преземање на акција. Државната комисија за спречување на корупцијата работи посветено на сите предмети, но тоа не е доволно. Борбата против корупцијата дава резултат само доколку во неа се вклучат што повеќе институции и поединци.

Затоа се надеваме дека во иднина ќе имаме поефикасна соработка со институциите. Во овој процес укажувачите се исто така драгоцени и за почит е нивната храброст да пријават и да се борат за етички и законски принцип на делување. Ние, како општество, мора да направиме повеќе за да им дадеме соодветна заштита“, истакна Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Иако постои посебен Закон за заштита на укажувачите во земјава, истражувањето направено во рамките на кампањата покажува дека јавноста не е доволно информирана за тоа и околу 30 отсто од испитаниците сметаат дека укажувачите не се доволно заштитени.

„Транспарентноста и интегритетот на институциите од една страна и информирани граѓани од друга страна се основни предуслови за јакнење на демократските процеси и законско и етичко работење на јавната администрација.

Преку транспарентност се создава поголема одговорност во работењето. Законот за пристап до информации од јавен карактер и неговата примена имаат една цел, а тоа е јакнење на интегритетот на институциите и зголемување на транспарентноста.

Оттука ги повикувам граѓаните да го користат правото на слободен пристап до информации, што значи да ги користат податоците кои што институциите се должни да ги објавуваат, а доколку тоа не е  случај, да ги бараат со користење на законот за слободен пристап, бидејќи на тој начин влијаат врз зголемување на ефикасноста и отчетноста на институциите и намалување на корупцијата”, истакна Пламенка Бојчевa, директор на Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Проектот „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“ е финансиран од Европската унија.

На промоцијата на стартот на кампањата раководителот на Сектор од Делегацијата на ЕУ, Фрик Јанмаат, истакна дека со оваа кампања, се очекува сите граѓани да бидат повеќе вклучени во унапредување на интегритетот, да бараат повеќе транспарентност и отчетност на јавните институции и да придонесат за намалување на корупцијата и конфликтот на интереси.

„Борбата против корупцијата не е задача само на државните институции, таа се однесува на општеството како целина – влада, државни институции, граѓани, бизнис, медиуми, граѓанско општество. Тоа нè засега сите нас.”

Во насока на интензивирање на борбата против корупцијата и судирот на интересите и потенцирање на важноста од соработката на сите институции, Државната комисија за спречување на корупцијата изготви Национална стратегија за борба против корупцијата 2021-2025, која е усвоена и од македонското Собрание.

Ова е прв документ од ваков стратешки карактер, чија цел е создавање предуслови за поефикасна борба против корупцијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Како почна ски-сезоната на Попова Шапка: Со скиите на рамо по планината пешки, “пошто“ ски-лифтот тргни-застани-застани

Редакција

Минатата недела 1.558 лица по вторпат се заразиле со Ковид-19

Редакција

Иљире Даути нова координаторка на пратеничката група на Алијансата за Албанците, од партијата изненадени од потегот на Алтернатива

Редакција