еМагазин
Image default
Бизнис

Заедничка трговска мисија на АмЧам со Американско–грчката стопанска комора на 22 и 23 ноември во Скопје

Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) денеска го одржа своето редовно 21-во Генерално собрание на кое беа презентирани стратешките определби на Комората за периодот 2021-2023, како и активностите кои ја одбележаа оваа година, информираат од таму.

Собранието го отвори претседателот на Одборот на директори на АмЧам, Маја Филипчева, осврнувајќи се на активностите на АмЧам за зајакнување на регионалната соработка и зголемувањето на потенцијалните деловни можности со земјите од нашето непосредно опкружување како основа за просперитет и економски раст во рамките на евроатлантското партнерство.

Филипчева ја најави првата трговска мисија која АмЧам Северна Македонија и Американско–грчката стопанска комора ја организираат со поддршка на Амбасадите на САД во Скопје и Атина.

Трговската мисија ќе се одржи на 22 и 23 ноември во Скопје.

-Целта на трговската мисија е да се претстават можностите за инвестирање во Северна Македонија како и да се организираат директни средби помеѓу компаниите од Грција и Северна Македонија, кои дејствуваат во секторите како што се: агротехнологија, логистика, производство, технологија и иновации, енергетика, туризам, градежништво и инфраструктура, се вели во соопштението од АмЧам.

Кејт Мери Барнс, амбасадор на САД во Република Северна Македонија, се обрати на Собранието како почесен гостин, при што и честиташе на Комората за нејзината континуирана посветеност кон дигитализацијата, корпоративната општествена одговорност и регионалната соработка, дури и во услови на пандемија.

Амбасадорката истакна дека транспарентноста, предвидливоста и креирањето на еднакви услови за работа на сите овозможува приватниот сектор да се развива и да креира нови соодветни работни места за талентираните млади лица од Северна Македонија.

Во рамките на Генералното собрание беа претставени активностите на двата постоечки комитети: комитетот за Дигитална трансформација и комитетот за Законодавство и имплементација, а на иницијатива на членките беше најавено и формирањето на комитетот за ESG (Environmental, Social and Governance).

Како и секоја година, во рамките на работниот дел на Собранието се гласаше за прием на нови членки на Комората, за разгледување на предложените промени во Статутот на комората, како и за избор на нови членови на Oдборот на директори.

Со акламација, за втор мандат беа избрани: Драган Давитков, директор на PwC Северна Македонија, Иван Костиќ, директор на Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп и Јордан Димитровски, директор на Аитоникс.

На Собранието присуствуваа 54 од вкупно 130-те членки на Комората.

АмЧам Северна Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на САД и активен член на АмЧам Европа – организација која вмрежува 46 американски стопански комори кои претставуваат повеќе од 17.000 американски и европски компании, вработувајќи 20 милиони работници и учествуваат со инвестиции од повеќе од 1,1 трилиони долари од двете страни на Атлантикот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пандемијата со Ковид-19 ја зголеми продажбата на здравствени полиси за пет пати

Редакција

Пад на прометот на Македонската берза во јули

Редакција

Високата цена на струјата ја зголеми цената и на градежните материјали

Редакција