еМагазин
Image default
Бизнис

Започна кампањата за намалување на бројот на непријавени работници

Поддршка во креирање на политики и механизми со кои ќе се намали бројот на непријавени работници е еден од главните приоритети на Економско-социјалниот совет (ЕСС).

Во насока на унапредување на овој сегмент, ЕСС, преку Министерството за труд и социјална политика, Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од денеска започна со реализација на кампања за подигнување на свеста за негативното влијание на непријавената работа врз економијата и општеството.

„Владата презема системски решенија кои даваат резултати и овозможуваат формализирање на неформалната економија. Анализите покажуваат поволен тренд на намалување на неформалната економија во официјалниот бруто-домашен производ (БДП), а верувам дека овој тренд ќе продолжи како резултат на повеќе процеси што Министерство за труд и социјална политика, како и Владата ги преземаат за намалување на неформалната економија.

Во таа насока, подготвивме и Стратегија за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година, со цел да создадеме сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените.

Убедена сум дека и оваа кампања ќе даде значаен придонес во подигнување на јавната свест за придобивките од формална работа и со тоа работниците да се дел од системот“, истакна Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Целиот проект е финансиран од Европската Унија, а на прес-конференцијата присуствуваше и Фреек Јанмаат, раководител на одделот за операции во Европската Делегација во Скопје.

„Ангажирањето на непријавени работници создава нееднакви услови за субјектите на пазарот, а лицата кои од различни причини работат на ваков начин, не можат да ги остварат своите права.

За да ја анулираме оваа појава мора заеднички да се заложиме и да создадеме силна системска рамка. Кампањата се реализира во рамки на проектот на Меѓународната организација на трудот – Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија,“ истакна Јанмаат.

За да се обезбеди системски пристап, неопходно е зајакнување на контролата и санкционирање на оние кои не ја почититуваат трудовата регулатива.

„Државниот инспекторат за труд (ДИТ) врз основа на спроведените надзори на терен и анализа на извештаите ги разработува и подобрува алатките за справување и сузбивање на неформалната работа.

Анализата резултираше со заклучок дека репресивната политика не даде задоволителни резултати во справувањето со неформалната работа и нејзината трансформација во формално вработување и затоа трудовото законодавство претрпе измени со ставање акцент на превенцијата пред репресивните мерки.

ДИТ ќе продолжи со своите активности во насока заштита на правата од работен однос, но и на формализацијата на неформалната работа како краен ефект во борбата со неформалната економија,“ истакна Јована Тренчевска, директорка на Државниот инспекторат за труд.

Значајна цел на оваа кампања е натамошно унапредување на работничките права и нивната ефикасна заштита.

„ССМ е вклучен во сите активности за намалување и елиминирање на сите причини кои го предизвикуваат неформалното вработување.

Но, намалување на неформалната економија и негативните последици од неа може да се очекува единствено доколку се спроведат интегрирани и заеднички активности на сите институции во државата.

Апелираме до работниците да ја користат новата бесплатна мобилна апликација `ССМ – мои работнички права`, која ја изработивме заедно со Меѓународната организација на трудот, а преку која работниците можат анонимно да пријават прекршено работничко право за себе и за друго лице,“ истакна Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.

На прес-конференцијата присуствуваше и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска, која истакна дека намалувањето на неформалната економија претставува клучен чекор во воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување и рамноправни услови за работа и здрава конкуренција, за работодавачите кои работат и ги почитуваат законите.

„Формализацијата на неформалната економија и сузбивањето на даночните затајувања ќе доведат до зголемување на даночните приходи, а со тоа и можност на државата и институциите да пружаат поквалитетни услуги и поголема социјална сигурност на граѓаните,“ рече Трајковска.

Заедно со почетокот на кампањата промовирана е и нова пилот-мерка за намалување на непријавената работа во туристичко-угостителските објекти. Мерката опфаќа покривање на дел од придонесите за социјално осигурување и поддршка во спроведување на административните процедури.

Мерката ќе овозможи и поедноставно „позајмување“ вработени помеѓу два туристичко-угостителски објекти, како и можност за дополнителни обуки за стекнување соодветни вештини. Оваа мерка ќе се пилотира во хотелско–угостителскиот сектор во Охрид и Струга.

Дел од мерката е и онлајн платформа за поврзување на работодавачите и работниците, преку која ќе се пријавуваат работници и слободни работни места во хотелско–угостителскиот сектор во Охрид и Струга.

За да се овозможи што поголема промоција и информирање на јавноста за оваа пилот-мерка, ќе бидат организирани и локални промоции во Охрид и Струга.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Цената на акцијата на Алкалоид за 9 месеци пораснала за 26,5%

Редакција

Софи Емили Хогг назначена за генерален директор на Империал Тобако ТКС Скопје

Редакција

„Стентон градба“ го доби тендерот на ЕСМ за изработка на дренажни бунари вреден 2,8 милиони евра

Редакција