Царинењето веќе се врши во целосна бесхартиена околина, и притоа завршува автоматски за еден час, со т.н. зелена царинска декларација, објави директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
-Ова е голема новина во царинското работење, која на економските оператори им овозможува огромно забрзување на постапката, заштеда на време и ресурси. Истовремено, со ова Царинската управа станува институција со високо ниво на дигитализација, препознаена во земјата и во регионот, вели Кутиров.
Во текот на вчерашниот ден, како што се наведува во соопштението на Царинската управа, обработени се вкупно 833 увозни и 538 извозни зелени царински декларации, и за истите царинењето е успешно завршено за еден час, што претставува 80 отсто од вкупниот број на поднесени декларации.
Царинењето за еден час, се додава во соопштението, се овозможува за увозни и извозни декларации, кои се правилно пополнети и автоматски валидирани, со електронски приложени сите документи и кои системот ги селектирал како неризични, односно зелени, кои не подлежат на дополнителни проверки и контроли, и за кои се платени или обезбедени царинските давачки.
Во моментот кога декларацијата е селектирана од системот на зелен канал, започнува да тече тајмер подесен на еден час, после кој истата автоматски добива статус дека се пушта во слободен промет, нагласуваат од Царинската управа.
Оваа постапка за царинење на стоката, застапниците ќе можат да ја спроведат далечински, без потреба да доаѓаат во царинските терминали и да комуницираат непосредно со царинските службеници.
Комуникацијата со застапникот за останатите царински декларации, селектирани од системот или од царинскиот службеник за документарна контрола, врз основа на дополнителни сознанија, исто така ќе се одвива преку системот.
За оваа новина во изминатата недела беа спроведени обуки за царинските службеници и економските оператори.
Притоа, економските оператори ги поздравија заложбите на Царинската управа коишто се преземаат во континуитет за дигитализација и олеснување на трговијата, како важeн фактор за зајакнување на конкурентноста на компаниите и економскиот развој на земјата, се додава во соопштението.
Фото: Унсплеш