Тинк тенк форумот „Стимулирање на стратешка автономија. Придонесот на Западен Балкан за заедничка европска иднина“ во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Европскиот совет за надворешни односи канцеларија Софија започна денеска (08.03.2020) во хотелот Хилтон во Скопје како дел од програмата на ко-претседателството на Северна Македонија и Бугарија со Берлинскиот Процес во 2020 година.
Форумот, кој ќе трае три дена, го отвори Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија кој рече дека земјите од Западен Балкан се составен дел од Европа и треба да се сметаат за сериозни партнери во европските прашања.
„Иднината на ЕУ и Западен Балкан се неразделно поврзани, поради што предизвиците, како што се прашањата од животната средина, миграцијата и прашањата за безбедноста, мора да бидат решени заедно преку заеднички и унифициран пристап. Агендата и сеопфатниот наратив на Тинк Тенк Форумот 2020 го препознаваат Западен Балкан како рамноправен партнер на масата на ЕУ. Само заедно, Европејците можат да работат кон целта на стратешката автономија, што ја истакнуваме како посакувана идна стратегија за улогата на ЕУ во светот.
Предизвиците и промената на глобалните структури бараат силен и унифициран наратив од ЕУ, засилен со политичка волја и материјални капацитети. Само ако се обедини во наративот и дејствувањето, ЕУ може со сигурност да влијае на глобалните динамика“, рече Трошановски.
Контекст на форумот обезбеди Штефан Лене, вонреден професор на Carnegie Europe во Брисел и алумни на Europe’s Futures.
На Форумот свое учество ќе имаат претставници на тинк тенк заедницата, на граѓанското општество и академици од Западен Балкан и земјите од ЕУ. Настанот трае три дена и ќе третира различни области и предизвици кои произлегуваат од Берлинскиот процес.
Министрите за надворешни работи од регионот заедно со други државни претставници од земјите на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес, исто така ќе учествуваат во отворен и критички дијалог за заеднички предизвици и визии за иднината на Западен Балкан, како дел од силна и обединета Европа.
На првите два дена од Форумот, на шест панел дискусии експертите ќе дебатираат за новиот зелен договор, економска и социјална конвергенција, миграција, безбедност/хибридни закани, владеење на правото и европска иднина.
На третиот ден од Форумот, министри за надворешни работи од Западен Балкан и земји членки Европската Унија како и други државни претставници од земјите на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес, заедно со претставници на тинк-тенк заедницата и на граѓанското општество, ќе дадат свој осврт на темите дискутирани на првите два дена од Форумот.
ПРОМОТИВНА ОБЈАВА