еМагазин
Image default
На кафе со... ТОП СТОРИИ

Зоки бејбе: Се гледав на сцена уште од дете

Ексцентричен уште од дете, кое се гледа на сцена, пред публика со која комуницира, животната приказна на Зоран Ристевски, повеќе познат како Зоки бејбе, се движела по трака со многу познати, бидејќи точно знаел што сака да биде и сериозно работел на остварување на тој план.

Моите родители знаеа дека засекогаш ќе останам тинејџер

„Уште од многу мал ми беше јасно дека ќе бидам на сцена, дека ќе работам нешто поврзано со јавна позиција. Бев многу љубопитен и ми беше јасно дека сум ексцентричен и различен од другите, бидејќи постојано ги имитирав познатите музички ѕвезди од телевизија“, раскажува тој.

Музиката, благодарение на неговите родители, му станува главна преокупација.

Со љубовта кон музиката растел во дом каде татко е колекционер на плочи, но и на најнова современа музичка опрема, па логично било да ја има цело време поддршката на родителите за да стане тоа што е денеска.

„Ја имам целата слобода на светот од моите родители да бидам тоа што сум уште од дете. Моиве знае уште од тогаш дека засекогаш ќе останам тинејџер и секогаш беа со мене и духовно и финансиски„, вели тој.

Радиото прва љубов

Освен што слушал најразлична музика, уште како тинејџер и се едуцирал за музиката и поп и суп културата, читал музички списанија и едвај чекал да се отвори можност да покаже што знае и што научил.

“Не сакав да бидам полуфабрикат„, вели тој.

И не морал да чека на тоа. Првиот “тест“ го има веќе во средно училиште, кога е донесена одлука еднаш месечно класниот час да биде со разговори за битни теми за учениците, а тоа да биде „потковано“ со музика, која нормално ја пушта тој.

Завршил правен смер во скопското училиште “Борис Кидрич“, а потоа се запишал на Правниот факултет, кој не го завршил, што го смета за една од неговите најголеми грешки.

“Се запишав на факултет, колку да студирам нешто, но и ден денеска ми е криво што не го завршив. Не сметам дека е добро што го направив тоа и секој би го советувал да не го прави тоа„, вели тој.

Со појавата на првите приватни радија неговиот сон станува се пореален.

„Добив можност целата енергија да ја канализирам и да ја ставам на вистинското место„, вели тој.

Најпрво во 1991 година е радиоводител во Канал 4, а две години подоцна е дел од првата редакција на култното радио Канал 103.

„Радиото ми е првата љубов. Слушав се што се емитуваше на трите канали на Македонското радио, а бев вљубен и во музичките емисии на телевизија„, раскажува тој.

Во овој период од неговиот живот ја добива шансата да има и своја емисија, на радиото со кое пораснал, Македонско радио 1, „Мастермикс“.

Работел и во Радио Уно, Клуб ФМ…

„Многу од пријателите ги запознав токму преку работата во радио. Ги слушале моите емисии, комуникацијата веќе беше воспоставена, па не беше тешко истата да прерасне и во пријателство“, раскажува тој.

По искуствата со работа на радио, следува и телевизиското “крштевање“. Ја први првата авторка музичка емисија „Поплава„ на поранешната А1 телевизија.

“Бев како риба во вода. Имав многу љубов и имав што да кажам и секако бев подготвен. Уште од дете“, раскажува тој.

Емисијата станува многу популарна и гледана благодарение на неговата оригиналност и иновативност, но и поради новите правци во музиката кои ги следи, а тој период нема други од таков тип.

“Во “Поплава“ ја третирав младинската и клупската култура и музика, буквално од првата журка што се случи во Македонија“, вели тој.

Пријателите ме натераа да станам диџеј

Кога во 1996 година во Скопје се отворил клубот „Дали“, по инсистирање на неговите пријатели станува диџеј.

“Тие сакаа музиката што ја слушаа од мојата богата колекција на винили и цедеа да ја слушаат и во клуб“, вели тој.

Меѓу првите диџеи во Македонија пушта хаус музика, тогаш непозната, а денеска еден од најпопуларните правци.

„Луѓето веќе ме знаеа, публиката ме познаваше, па се беше полесно и така е и до ден денеска“, раскажува тој.

Нема финансиска комоција со диџејство

И по 27 години Зоки бејбе пушта музика со ист жар и позитивна енергија.

Бил резидент во бројни клубови во Скопје, но и во Албанија, гостувал и во Словенија, Хрватска, Германија, а подоцна и во Амстердам, Холандија, каде меѓу останите настапи, пуштал музика и во познатиот клуб “Парадизо“.

„Добив уште една голема шанса. Нов фокус, нова диџејска фаза. Да се преставам пред публика која не ме познава, за да го проверам квалитетот за тоа што го работам со голема љубов, без која нема да има ништо.

Вели дека од диџејството нема финансиска комоција, но е пресреќен дека го работи тоа што го сака и дека живее еден алтернативен начин на живот.

Моментално пушта музика во повеќе локали низ Скопје, а резидентен клуб му е “Станица 26“.

Враќање на радио

За време на пандемијата со Ковид-19 се врати на радио со поткастот „Прва убава работа во денот“, кој се емитуваше на интернет радиото Радио Бар.мк, а го правеше заедно со продуцентот Зија Вишко, а во која гостуваа уметници од различни области, но и бизнисмени и лица од други сфери, или како што вели самиот „скопски градски ликови„. Во емисијата се пуштаа и миксови од други колеги диџеи.

Идејата се раѓа за време на пандемијата, која посебно ги погоди професиите, како таа на Зоки бејбе.

„Пандемијата не натера да размислиме убаво кој сме, кој сме биле, што сме направиле… Со Вишко сме најдобри другари, а бевме и долги години колеги од радио. Тој е прекрасен радио продуцент, дискофил и диџеј и научивме многу еден од друг.

Кога се случи пандемијата, а јас останав без работа, а тој мораше да ги затвори двата локали, “Радио бар’ и “12 12“, една карантинска ноќ на камера ми предложи да направиме радио на интернет, направив дома демо и по 11 години пауза се вратив на радио, онаа што знам најдобро да го правам.

Е тоа ти е вистински другар„, раскажува тој.

Не се влегува со его во диџеј-кабина

Како што вели се уште не е воопшто уморен од тоа што го работи и вели дека „журката треба да продолжи“.

„Планирам уште долго да останам на подиум и ќе бидам некој што ќе ги инспирирам другите, како што и мене ме инспирираат моите колеги. Во диџеј-кабина не се влегува со его, туку со љубов.

Ние не сме на натпревар. Колку некој е добар кажува неговата последна журка “, вели тој.

Смета дека за да некој биде добар диџеј е потребна сериозна едукација на повеќе нивоа.

„Секогаш сум тука да ги подржам новите таленти во диџејството, да ги потсетам дека тоа не е натпревар, туку се работи за впечатокот кој ќе остане поради енергијата и изборот на музиката. Имам голема почит за сите.

И да, јас сум среќен човек. Како може да не бидам после се што добивам назад од публиката“, вели тој.

Во миксовите на Зоки бејбе може да уживате на soundcloud.com и www.youtube.com.

Фото: Ивана Кузмановска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Изведена прва неврохируршка операција со микроскоп во Клиника Жан Митрев

Редакција

Доктор Беќаровски за новите мерки: Во лифт се осеќам побезбедно кога се возам со вистински прележан од Ковид-19, отколку со комплетно вакциниран

Редакција

Започнат е процесот на консултации во ЕУ за францускиот предлог, откри Османи

Редакција