Една од најпопуларните и најгледани балетски претстави за деца, „Петар Пан“ во продукција на Националната опера и балет, ќе се изведе денеска со почеток во 19 часот.
Кореографијата е на Џејмс Амар од Франција, а сценографијата и костимите се на Зоран Костовски и Марија Пупучевска. Во претставата настапуваат солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.
Приказната за „момчето што не сака да порасне“ е една од најуспешните и најпопуларните детски приказни на сите времиња, раскажана на генерации деца. „Петар Пан“, лик кој го создаде шкотскиот писател и драматург Џ. М. Бери, ќе ги воодушеви малите и големите со својата авантуристичка приказна, во која главниот херој живее на магичниот остров Недојдија како лидер на неговата банда „Изгубени момчиња“ заедно со сирени, самовили и пирати.
Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, костимите и сценографијата и децата ја следат со големо воодушевување. Безгрижното детство на Петар Пан, кој никогаш не сака да порасне, ќе ги потсети најмладите гледачите на важноста на фантазијата и слободата.
Промотивна објава