Владата на денешната седница го разгледала мислењето од Министерство за правда за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Во мислењето се вели дека е нарушен угледот на институцијата со која раководи, бидејќи чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1, информираат од таму.
-Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство (ЈО), незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите.
Ваквите состојби се комплетно спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности.
Овде не станува збор само за перцепција само на Владата, ова е констатирано од стручна јавност, констатирано е во извештаи кои имаат конкретни, мерливи и објективни показатели.
Во оваа смисла, Владата цени дека придонесот од јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршување на функцијата.
Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на ЈО со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со кои што ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот.
Дополнително како Влада цениме дека јавниот обвинител покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот кој што го избрал, а пред се пред граѓаните чии интереси треба да ги штити.
Согласно вака утврденото мислење, Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител, кое пак Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители од каде согласно законските одредби потребно е да се добие мислење, велат од Владата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Министерство за правда достави до Владата предлог за разрешување на Љупчо Коцевски
Кој е државниот јавен обвинител Коцевски за кого Владата бара разрешување
Каков имот пријавил државниот јавен обвинител Коцевски, за кого Владата бара разрешување