Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков денеска најави серијал на прес-конференции на кои ќе презентира, како што истакна, во каква аздисаност и раскош живеела поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Имено во октомври 2023 година министерката „Бисера Антоанета“ остварила службено патување во Лондон во траење од 4 дена и тоа од 24.10.2023 до 27.10.2023 година, покрај трошоците направени за хотелско сместување, во патниот налог има приложено сметки за репрезентација, но при уводот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картица Виза, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства спротивно од прописите.
Бисера Антоанета потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби, во продавницата Gift Galore London потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка – city football и плишено мече – Paddington bear и двете платени од службената картичка Виза.
Шопинг манијата на Бисера Антоанета не запрела тука, туку продолжила и во познатата продавница за куфери Samsonite, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфари, еден голем Upscape spiner 68/25 Black во износ од 219 фунти од службената картичка и еден помал од истата линија во износ од 59 фунти платен во кеш од службените парични средства.
Нормално за да можеме да ја наречеме Бисера Антоанета трошењето морало да продолжи, таа со народни пари пазарела во Mарк & Спенсер каде потрошила 42 фунти за чорапи и хулахопки платени во кеш од службените парични сретства.
Во Gift box во Лондон, продавница за подароци потрошени се 146 евра од службената картичка Виза за ова трошење нема доставена никаква сметка, тука само слипот од платежната картичка.
Исто така потрошени се 158 фунти платени во кеш од службените парични средства во Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter за подароци како што се раквици, маички, ташна за милениче, изгубената дијадема и сл.
Се на се, за лични приватни потреби Бисера Антоанета троши 714 фунти или пресметано во денарски парични средства 51.169 илјади денари, за 4 дена во Лондон, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно 4 члено семејство,“ истакна Лефков.
Костадиновска Стојчевска рече дека се работи за една многу голема лага од кујната на ВМРО-ДПМНЕ.
„За оние трошоци за кои и самиот пратеник кажа дека нешто имаат, нешто немаат, немаат значи документација, не знам каде ги нашле тие продавници, но можат слободно да се јават кај вршителот на должност кој беше во период кога јас бев на тоа службено патување во Лондон и да прашаат за агендата која ја имавме и дали имав јас слободно време да шетам по продавници и да правам шопинг,“ одговори Костадиновска Стојчевска.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ