еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ продолжува со кампањата „Читаме современи македонски автори“

По успешните две сезони, ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје го започнува третиот циклус од големата кампања „Читаме современи македонски автори“, информираат од таму.

До мај следната година ќе бидат претставени осум македонски автори и исто толку дела. Кампањата ја задржува препознатливата структура: секој месец започнува со Книга на месецот, првата седмица е Разговорот со авторот, а последната Клубот на читатели.

„Претходните два циклуса од кампањата ни се поттик и мотивација дека треба да продолжиме со истото темпо. Нашите библиотекари бележат зголемен интерес за македонските автори во сите наши објекти. Читателите ги бараат предложените книги, но и наслови што не се дел од кампањата. На разговорите имаме бројна публика, па и луѓе што претходно не доаѓале во библиотека.

Добиваме голема поддршка од сите издавачи, од медиумите, од културната јавност. Добиваме одлични реакции од авторите дека се онаму каде што треба да бидат – на полиците и меѓу македонските читатели,“ вели Снежана Стојчевска директор на ГБСК.

Третиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ започнува со „Сѐ уште можам нешто да сторам” од Фросина Пармаковска, книга за месец септември.

„Ова е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење.

Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој се доминантни психологизацијата на главниот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна,“ посочува издавачот Или-Или.

Разговорот со Фросина Пармаковска е закажан за в среда (4. септември) во 19 часот. Модератор ќе биде книжевниот критичар Александра Јуруковска, а фрагменти од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година како силна поддршка за современата македонска книжевност, за квалитетните дела, за издавачите и за македонскиот јазик.

Досега беа претставени 16 автори и исто толку книги со жанровска разноликост: романи, раскази, репортажи, поезија.

Кампањата е потсетување дека токму домашните читатели се тие што треба да ги читаат домашните автори. „Читаме современи македонски автори“ има препознатлив визуелен идентитет, инегриран пристап на социјалните медиуми, а од страна на Македонската асоцијација на издавачи беше наградена со признанието Промотор на читачката култура.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За Палевски се уште нема обвинение

Редакција

Македонија прогласи пет руски дипломати за персона нон грата

Редакција

Скопските градоначалници бараат одземање на ингеренциите врз ЈП “Комунална Хигиена“ и „Паркови и зеленило” од Град Скопје

Редакција