еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Гувернерката Ангеловска Бежоска очекува постабилен економски амбиент во 2025 година

Во 2024 година, успешно ја задржавме макроекономската стабилност, вклучително и стабилноста на денарот, со раст на девизните резерви до ниво кое е четириесетина проценти над нивото пред пандемијата, вели во Новогодишна белешка гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.

„Одржувањето на стабилниот курс на домашната валута во времиња исполнети со предизвици е јасен показател за капацитетите на нашата централна банка и наш влог во кредибилитетот на политиките коишто ги водиме.

Резултатите од монетарната политика во 2024 година се согледуваат и преку натамошната стабилизација на инфлацијата, којашто по просечната стапка од 9,4% во 2023 година, во првите десет месеци од оваа година е сведена на 3,4% и очекуваме натамошно постепено забавување и следната година.

Доколку се задржат овие поволни трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, без да има остварување на поголеми ризици, може и догодина да се очекува натамошно постепено и претпазливо олабавување на каматната политика од страна на Народната банка.

Благодарение на внимателното водење на монетарната политика и напоредното носење макропрудентни мерки од страна на централната банка, покрај намалувањето на инфлацијата, зајакната е и финансиската стабилност. И во кризниот период, банкарскиот сектор беше столбот на стабилноста на која се потпираа економијата и бизнисот, додека неговата отпорност беше дополнително зајакната преку мерките коишто ги носеше Народната банка.

Притоа, стапката на адекватност на капиталот достигна 19%, што е највисоко ниво во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи задржување на кредитниот раст, притоа особено е важно што денарските и долгорочните депозити остварија двоцифрен раст, што јасно говори за довербата во банкарскиот систем и во домашната валута.

За одбележување во годината којашто изминува е и поднесувањето на формалното барање за пристапување на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) од страна на Народната банка, што е историски чекор за влез во европските платежни системи и приближувањето до Европската Унија. Придобивките за граѓаните и економијата од членството во СЕПА се многукратни и накусо опфаќаат побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања,“ вели Ангеловска Бежоска.

Во годината што следува, гувернерката нема дилема дека одржувањето на макроекономската стабилност ќе биде и понатаму приоритет, бидејќи таа е клучен предуслов за повисок економски раст.

„Исто така, Народната банка ќе биде посветена и на поддршката на структурната трансформација на нашата економија. Зелената транзиција и дигитализацијата не се само модерни приоритети, туку се стратегиски насоки коишто го отвораат патот кон одржлив раст, нови работни места и подобра конкурентност.

Народната банка и натаму активно ќе го поддржува зеленото финансирање, со што ја поттикнува еколошката одговорност во економските активности. Воедно, со поддршката на финтек-секторот и дигиталните иновации, создаваме нови можности за модернизација на финансиските услуги, подобра достапност за граѓаните и поттик за раст на претприемаштвото.

Зад нас оставаме година во која научивме важни лекции и направивме значајни чекори напред. Пред нас е нова година којашто нуди нови можности. Преку сигурни економски политики ќе ги искористиме можностите, а притоа внимателно ќе управуваме со ризиците коишто и натаму ќе постојат. Заеднички, со соодветни макроекономски и структурни политики, можеме да изградиме економија што е стабилна, инклузивна и што е подготвена да се соочи со предизвиците на утрешниот ден.

На сите граѓани им посакувам среќа, здравје и успех во Новата 2025 година! Народната банка е сигурен партнер во создавањето подобра иднина за сите нас,“ потенцира гувернерката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонците повторно на вакцинација викендов во Врање: Во организација на „Спона“ ќе бидат вакцинирани 800 граѓани

Редакција

(Видео) Грција го доби првиот ТВ презентер создаден со вештачка интелигенција

Редакција

Бензините поевтини за половина, а дизелот поскап за еден денар за литар

Редакција