Девет амбасадори и официјално се враќаат во Македонија. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги потпишала указите за отповикување на амбасадорите од должноста, бидејќи осум од нив „заминале на тие позиции без да ја исполнат законската обврска пред работното тело на Собранието“, а една амбасадорка се отповикува во редовна постапка поради завршување на мандатот.
Отповикани се: Јакуп Реџепи, амбасадор во Босна и Херцеговина, Џенк Сејфула, амбасадор во Шведска, Методија Белевски, амбасадор во Белгија и Луксембург, Агнеза Руси-Поповска, амбасадор во Бугарија, Емил Крстески, амбасадор во Чешка, Пајо Авировиќ, шеф на Постојаната мисија при меѓународните организации во Виена, Зеќир Рамчиловиќ, амбасадор во Црна Гора и Катерина Ставреска, амбасадор во Велика Британија.
Сиљановска Давкова донесе указ и за отповикување во редовна постапка на Светлана Гелева од амбасадор при Советот на Европа.
Во согласност со указите, должноста на амбасадорите им престанува на 30 април.
Фото: Кабинет на претседателката