еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Зимски фестивал на книгата во ТРИ, серија книжевни средби помеѓу писатели и читатели

Во периодот од 21 јануари до 31. јануари, во книжарницата на ТРИ во Градски трговски центар (ГТЦ), ќе се одржат средби меѓу писатели и читатели, со читања, разговори и размена на топли зборови и напивки.

„Книгите се топол дом оваа зима. Затоа Издавачки центар ТРИ реши книжевните средби да ги одржи меѓу книгите, во книжарницата во ГТЦ. Започнуваме со копнежлив книгокруг со поетско читање од „Антологија на копнежот“, со стихови кои допираат до најскриените катчиња на душата“, велат од ТРИ.

Книжевната средба за „Антологија на копнежот“ ќе се одржи денеска со почеток во 19 часот. Средбата ќе биде отворена од поетесата и приредувачка на антологијата, Виолета Танчева-Златева. Присутните ќе имаат можност да слушнат поезија од македонските поети кои се застапени во антологијата, кои ќе нè сплотат со стихови кои го слават постоењето и копнеењето.

На овој поетски книгокруг, свои стихови за копнежот ќе прочитаат Елизабета Баковска, Зоран Анчевски, Сузана В. Спасовска, Марина Мијаковска, Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска, Владо Поповски, Лира Бојку, Иван Антоновски, Снежана Стојчевска, Даим Мифтари, Сеида Бегановиќ, Жарко Кујунџиски, Делвина Крлуку, Ивана Јовановска и други.

Вториот книгокруг – „Без цензура“, ќе се одржи на 27.1. (понеделник), со почеток од 19 ч., по повод второто издание на првиот роман на писателката Румена Бужаровска – „Тони“.

„Подгответе се за длабоко искрени одговори на прашањата што се отворија по неговото читање. Без цензура, директно од Бужаровска“, посочуваат од ТРИ.

Третиот книгокруг е посветен на лепословието на Венко Андоновски. Книжевната средба ќе се одржи на 29.1. (среда) и е посветена на најновото дело на македонскиот писател и професор, „Опијатите на лепословието“ – лична теорија за романот, расказот и драмата.

„Како што вели Андоновски, лепословието се пишува исклучиво на мајчин јазик, па на третиот книгокруг ќе ги славиме македонскиот јазик и сите негови игри и трансформации преку делото за кое тој вели дека е негов личен ‘прозен готвач’ полн со рецепти за тоа како да се искали еден книжевен текст“, истакнуваат од ТРИ.

На 30.1. (четврток), во скопската „Јуроп хаус“, со почеток од 19 часот, ќе се одржи промоција на романот „Ѕвезди под клепките“ од современиот бугарски писател Николај Терзијски.

Романот во 2023 година ја доби Националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевноста и е номиниран за сите значајни прозни награди во Бугарија. Се работи за раскошен роман за најзначајните и најтешките животни прашања и дилеми.

Повеќеслојна сага со три испреплетени приказни во кои палимпсестно се испишани најмалку уште толку, колку лични толку и универзални. И ни дава можен одговор на некои од најголемите загатки на животот: каде, кога и како ја среќаваме љубовта.

На 31.1. (петок), со почеток од 19 часот, во книжарницата ТРИ во ГТЦ продолжува гостувањето на Терзијски, овој пат во подиректна средба со читателите и со потпишување на неговиот роман.

Од ТРИ подготвуваат и изненадувања во рамки на нивниот „Зимски фестивал на книгата“. Сите настани се од отворен карактер и добредојдени се сите кои сакаат да уживаат во срдечни дружења со добри книги и одлични автори, во топла книжевна атмосфера.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Затвореник починал на клиника, ќе се врши обдукција

Редакција

Без јавна расправа се „крчка“ нов Закон за данок на моторни возила

Редакција

(Фото) Bonatti во Македонија со трендовска колекција за костими за капење лето ‘19

Редакција