еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Кредитна линија од четири милиони евра од ЕБОР за НЛБ Банка АД Скопје, за кредитирање на станбениот сектор

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската Унија (ЕУ) и Јапонија го подржуваат зеленото финансирање во Северна Македонија со нови средства за НЛБ Банка АД Скопје, информираат од таму.

Кредитот на ЕБОР од четири милиони евра доделен на НЛБ Банка АД Скопје, ќе ги поддржи инвестициите во енергетска – ефикасност за домаќинствата, станбените заедници, производителите и давателите на услуги. Покрај кредитите, клиентите ќе добијат и поврат на средствата од грантот доделен од Европската Унија (ЕУ) и Јапонија, во износ до 20 отсто од целата инвестиција.

Договорот за кредит беше потпишан од Матео Колангели, регионален директор за Западен Балкан на ЕБОР, и Тони Стојановски, главен и извршен директор и претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје.

„Овој кредит ќе ја овозможи транзицијата кон зелена енергија преку финансирање на надградбите на енергетска ефикасност во станбените згради, кои се најголеми потрошувачи на енергија во земјата.

Партнерството со локалните финансиски институции како НЛБ Банка АД Скопје, е основа за успех на ваквите иницијативи, бидејќи ги зајакнува локалните финансиски еко-системи и обезбедува услови финансирањето да стигне до населението на поефикасен начин.

Овој проект не само што промовира зелена и одржлива иднина на С. Македонија, туку носи и директни бенефити на граѓаните, преку намалување на сметките за електрична енергија и подобрување на животите на сопствениците на домовите,” изјави Колангели.

Стојановски изјави дека оваа соработка ја нагласува заедничката визија за одржлива иднина и поттикнување на зелената транзиција во финансискиот сектор.

„Среќни сме што ја продолжуваме соработката со Европската банка за обнова и развој и што партнерски го унапредуваме зеленото кредитирање, овозможувајќи полесен пристап на домаќинствата до поволни средства за финансирање на проекти кои придонесуваат за енергетска ефикасност и заштита на животната средина, а кои пак се значаен столб на нашата политика за одговорно кредитирање,“ додаде Стојановски.

Овој кредит на НЛБ Банка е под Програмата за финансирање на зелената економија за Западен Балкан на ЕБОР (EBRD’s Western Balkans Green Economy Financing Facility – GEFF), и ќе ги поддржи со високите перформанси на зелените технологии, материјалите и решенијата за станбените објекти и згради во приватна сопственост.

Инвестициите во опрема која заштедува енергија, како што е изолацијата, прозорците, топлотните пумпи и соларните панели, ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови, ќе ги намалат трошоците за енергија и ќе го подобрат квалитетот на живеење на станарите. Исто така, ќе помогнат во справување со високата потрошувачка на енергија и емисиите на јаглерод на станбениот сектор во земјата.

Кредитот ќе го олесни пристапот за транзиција на зелената енергија на Банката, со поддршка на Фондот за соработка Јапонија-ЕБОР и ЕУ, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Во помалку од седум години, над 18.000 домаќинства од Западен Балкан инвестираа над 100 милиони евра во мерки за заштеда на енергијата, како изолација, топлотни пумпи, нови прозорци и соларни панели, благодарение на Програмата за финансирање на зелената економија за Западен Балкан на ЕБОР (EBRD’s Western Balkans Green Economy Financing Facility – GEFF), која беше промовирана во 2017 година.

Оваа Програма е поддржана од ЕУ преку Заедничкиот европски фонд за Западен Балкан (European Western Balkans Joint Fund – EWBJF) преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF), а како дел од Програмата за регионална енергетска ефикасност (Regional Energy Efficiency Programme),, како и билатералната донаторска поддршка.

НЛБ Банка АД Скопје е универзална комерцијална банка и е третата банка по големина на пазарот во земјата.

ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Македонија. До денес има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во земјата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Системот на ФЗО хакиран со „ransomware“, хакерите бараат откуп за да го “ослободат“

Редакција

Судијата Наке Георгиев доби 30 дена притвор

Редакција

Уапсен Косовар, се сомничи дека подметнал пожар во тетовската општинска зграда

Редакција