Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), во постојан состав, на 26. ноември одржа вонредна седница и го определи датумот за погребение на блаженоупокоениот Дебарско-кичевски Митрополит Тимотеј, информираат од таму.
„Синодот определи заупокоената Света Литургија и Опелото да бидат извршени во четврток на 28 ноември, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот.
На Светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни Православни Цркви.
Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.
Царство Небесно и вечен спомен на блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј,“ се вели во соопштението.
Вчера пак, викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Преосвештениот г. Партениј, во Св.Климент Охридски, на Плаошник, отслужи светата заупокоена Литургија за вечен спомен на владиката Тимотеј, во сослужение со архимандритите Нектариј, Макариј и Кирил, ставрофорниот протопрезвитер о. Никола Христоски, јереите о. Димче Ѓорѓиески и о. Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и јероѓаконот Порфириј.
„За време на светото богослужение, чесните мошти на Митрополитот беа изложени во средината на храмот за верниците да оддадат почит, благодарност и молитвен поздрав кон нивниот возљубен архиереј.
Храмот на Свети Климент беше исполнет до крај, со многубројни свештеници, монаси, монахињи, кои заедно со народот сведочеа за љубовта и благодарноста кон блаженоупокоениот Митрополит,“ велат од Бигорски манастир.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се упокои митрополитот Тимотеј
Фото: bigorski.org.mk