еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

Снежана Коневски-Руси е добитник на наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“

По предлогот на НУ РСМ Македонски народен театар (МНТ), наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ за оваа 2025 година ѝ е доделена на актерката Снежана Коневски-Руси (1952).

-Снежана Коневски-Руси, легенда на македонскиот театар, филм и култура, повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава.

Нејзината актерска кариера низ децении тивко и непрекинато ниже широк дијапазон на ликови на сцената на МНТ и на други сцени. А со самото тоа се огледува и се документира и голем дел од општата историја на театарот и на филмот во земјава, велат од МНТ.

Нејзината кариера во бројки изгледа вака: 48 театарски улоги, 10 улоги во серии и во филмови и 20 режии и асистенции на режија. Тука се и активностите како сценарист и водител на голем број детски музички фестивали, синхронизација на неброени цртани филмови и ТВ-проекти, образовни и контактни емисии и сл.

Творец е и на голем број проекти за деца (од предучилишна и училишна возраст), позајмува гласови на ликови во серии за возрасни и за деца, реализатор е на голем број специјални програми на НВО и долгогодишен соработник на ФААТ и ДАФ, Кочани, како селектор, член на жири-комисија и уметнички директор, како и спикер-водител и член на голем број емисии од музички, забавен и водителски карактер и на Детската радиодрама во РТС.

-Постојаноста на сцената, одличната дикција, како нејзин клучен адут и секогаш убедливата актерска вештина ја прават Снежана Коневски-Руси една од најквалитетните актерки кај нас, секогаш барана од колегите режисери. Прецизна е, докрај посветена на ликот и на неговото место во целото дејствие.

Лесно и добро го наоѓа и го промислува секој код/знак што го носи ликот и со убедлива актерска вештина знае искреираниот (неретко комплициран) лик да го пренесе на лесно разбирлив, интелектуален начин пред публиката. Она што посебно ја истакнува од плејадата актери од највисок ранг е јасното говорење на текстот и прецизно (како со нож) изразената дикција.

Снежана Коневски-Руси искажува/прикажува чист сценски говор за да може секој јасно да ги чуе секој збор и значењето на текстот, на начин на говор што „везе“ на сцената и што треба да го има секој актер. Вредноста и посветеноста на Снежана Коневски-Руси кон театарот се забележани и се наградени од стручните театарски и театролошки лица, велат од таму.

Ги добива наградите: награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за најдобро актерско остварување за улогата на Маргарита во претставата „Ричард Трети“, 1991 година; наградата „13 Ноември“ на Град Скопје за повеќегодишни значајни остварувања во областа на драмската уметност, 1992 година; награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за епизодната улога на Слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“, 1976; и награда на весникот „Млад Борец“ за најуспешен млад актер за улогата на Девојката во претставата „Димна Јуда, град градила“ и за монодрамата „Ана Франк”, 1974 година.

Фото: МНТ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Оглас за вработување на 300 професионални војници, плата од 30.552 денари па нагоре

Редакција

Скопски Аеродром има најмногу жители и најмладо население, во Македонија 205 населени места се празни

Редакција

(Аудио) „Го ставив во притвор Владимир Атанасовски и два месеци намерно го заборавив“: Протече аудио-снимка во која наводно зборува обвинителката Русковска

Редакција