еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Специјални музички миксови и „ПМГ си ти“ – настан за роденденот на Мирко Попов

Денека е роденден на Мирко Попов, еден од најплодните македонски автори, кој во својот креативен и творечки пат од 30 години остави значително музичко творештво и простор за поддршка и промоција на работата на неколку генерации македонски музички творци.

Во негова чест, онлајн продавницата Mitra.mk, чиј голем поддржувач беше и Попов ќе го одбележи неговиот роденден со специјални музички миксови достапни за сите, кои ги направија неговите најблиски другари, соработници и диџеи. Миксовите ги рефлектираат креативизмот и страста кон музиката, кои беа нераскинлив дел од Попов.

Музички миксови направија: Дарко Јорданов, Виолета Качакова, Александар Гавровски, Божидар Видоевски, Илина Ангеловска, Нино Наумов, Божидар Јовановиќ Боле, Далибор Таневски Дади, Дарко Марковски, Александар Малевски, Зоран Ристевски Зоки – Бејбе, Оги Узун, Нино Флудер, Роботек и Теа Шалдева.

Одбележувањето на неговиот роденден продолжува на 18. октомври во барот „МАККА“ и ноќниот клуб „Епицентар“, со целовечерна музичка програма, која ќе се случи под името „PMG si Ti”, како цитат од песната „Право“ на ПМГ Колектив и обединувачки глас на прогресивната и еманципирана мисла и културно движење.

Вечерата ќе се исполни со музика и диџеј настапи на: Александар Гавровски, Дарко Јорданов, Нино Наумов, Виолета Качакова, Андреја Салпе, Илина Ангеловска и Божидар Видоески.

Професионалниот опус на Попов опфаќа континуирана работа како автор (композитор и продуцент на музика, текстописец, сценарист и поет), издавач на македонска музика, диџеј, радио водител и уредник, музички критичар и колумнист.

Визијата за подобар град и земја која го негува современиот израз во македонската музичка култура го дефинира неговиот професионален ангажман. Уште од раните 90-ти преку создавање на ПМГ (прогресивна мултимедијална група) како водечка авангардна сила на скопските улици, иницира широк спектар акции во полето на музиката и урбаната култура.

Крајот на 90-те го бележи со формирањето на дискографската куќа ПМГ Рекордингс со над 300 изданија на современа македонска музика. Отворена за различни жанрови на автентичен и квалитетен израз од домашни автори, издаваштвото се развива и преку под-лејбловите ПМГЏез, ПМГ Танц Дигитал, Con:Tempo и Мкаедониде.

Како простор за презентација на оваа култура тој иницира и организира бројни музички програми, фестивали и редовни концерти на музичарите чија музика ја издава. Освен промоција на домашната музика во рамки ја овие настани во домашен контекст презентира и дел од светската електронска, рок и џез сцена.

Меѓу нив веди да се споменат: Првиот фестивал на електронска музика кај нас Tribal Gathering (1996), Слободно Скопје фестивал (1999) – еден од најзначајните кросовер настани кај нас, 14 изданија на ПМГ Рекордингс Фестивал, како и фестивалите произлезени од соработката со останати дејци на сцената: 12 изданија на Земјотрес – фестивалот на свежа домашна музика и 5 изданија на Крај Вардарот Џез фестивал.

Неговата пасија за винилни го води во нов предизвик да издава македонска музика на овој се уште најценет носач на звук. Од 2017 до 2024 за ПМГ Рекордингс издава 13 винилни на  македонска музика.

Како музички автор и изведувач активно твори и настапува во своите бендови: ПМГ Колектив, Кантон 6 и Македони кру, како и со својот соло проект Мирко Попов квартет. Вкупно 17 албуми, едно издание на најголемите хитови на ПМГ Колектив, бројни е.п и синглови, како и еден албумот соработка со Сетстат и Никола Коџобашија.

Како писател е потпишан на изданијата „Монографија: 20 Години те сакам“ и книгата за деца „Розевата планета“. Автор е на музика за театар и филм. Режисер и продуцент на музички видео записи, меѓу кои и музички филм „До небото замок“.

Две децении работи како водител на бројни емисии на Канал 103, и дел од уредничката структура. Значењето на ова радио го документира во филмот „103 Љубовно писмо до алтернативната култура” (2012), во кој се јавува како сценарист, продуцент, наратор и селектори на музика.

Неговиот придонес во македонската култура ќе остане трајно запишан и вреден, а неговата работа и креиран простор продолжува да се цени и развива преку делувањето на најблиските соработници.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Загадувањето на воздухот ги прави антибиотиците неефикасни

Редакција

Има само кредит: Каков имот пријавила обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова која сведочеше за „Рекет“

Редакција

Има загинати: Утрово сообраќајка на автопатот Штип – Миладиновци

Редакција