Министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната заедничка прес-конференција со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими информираше дека се одобрени вработувања на неопределено време за 1.117 лица ангажирани во јавното здравство.
„Инвестирањето во здравствени работници е еден од најважните сегменти, за иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е решавање на статусот на лекарите, болничарите, техничарите, на медицинскиот и немедицинскиот кадар со трајно вработување.
Денеска решаваме статус на 1.117 лица медицински персонал, помошно-технички персонал, хигиеничари и возачи, со Одлука на Влада се отвора можност вработување на неопределено време во Јавните здравствени установи.
Средствата за одобрените вработувања на неопределено време се обезбедени во рамки на јавните здравствени установи и Фондот за здравствено осигурување.
Изминатиов период иако во време на криза, инвестициите во здравството се големи. Инвестираме не само во опрема и инфраструктура, инвестираме и во кадар, зголемување на платите, додатоците на здравствените работници.
Со ваквите сериозни инвестиции во јавното здравје, помагаме да се зголеми квалитетот на услугата, да се олесни пристапот, до здравствените услуги, и се стремиме на нашите пациенти да им овозможиме европско здравство,“ изјави Меџити.
Фото: МЗ