Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март 2025 година продажбите на Алкалоид АД Скопје достигнуваат 3.458.394.494 денари, што е за 1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година, информираат од таму.
Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.201.163.839 денари, што е за 6% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 24% во споредба со првите три месеци од минатата година.
-Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава.
Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби, посочуваат од таму.
Од вкупните консолидирани продажби 32% се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68% се остварени на странските пазари.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 25%, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 23%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19%, а на другите пазари е остварен 1% од вкупните консолидирани продажби.
Продажбите на странските пазари во првиот квартал од 2025 година се во согласност со предвидената динамика и бележат раст од 8% во однос на планот.
-Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните, велат од таму.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Јужна Африка, кои се зголемени 3,8-пати, потоа во Холандија, каде што се зголемени 3,7-пати, во Португалија, каде што се зголемени 2,3-пати, како и во Австрија, каде што продажбите се удвоени.
Потоа следуваат оние во Грција (раст од 40%), Финска (раст од 39%), Ерменија (раст од 29%), во Украина (раст од 13%), Босна и Херцеговина (раст од 12%), Саудиска Арабија (раст од 10%), во Словенија (раст од 9%), Србија (раст од 6%), Хрватска (раст од 5%), итн..
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 92%.
Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 %, препаратите ОТЦ со 16 %, кардиолошките препарати со 12 %, невролошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби, итн..
Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 8% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2%, козметика со 5%, а билкарство учествува со 1%.
Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.
Сегментот фармација бележи раст од 7%, хемија намалување од 3%, козметика пад од 11%, а билкарство намалување од 13%.
Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора, посочуваат од таму.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2025 година изнесуваат 256.658 илјади денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 744.810.347 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 407.432.285 денари и е зголемена за 4%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигнала 928.314.407 денари и бележи раст од 8%, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 491.703.111 денари е зголемена за 3%.
При извршувањето на оперативните активности Алкалоид ангажирал повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За три месеци 13 нови вработувања во Алкалоид