еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Бабуновска: Епилепсијата е многу повеќе од контрола на напади, коскеното здравје не треба да биде запоставено

Неврологот Марија Бабуновска е меѓу финалистите на 10. Меѓународни Медис награди за медицински истражувања.Комисијата евалуирала 242 научно-истражувачки трудови, од кои 148 апликации ги исполниле строгите критериуми за номинација, а само 18 влегле во финале, помеѓу кои и трудот на Бабуновска.

Бабуновска е избрана меѓу финалистите во областа на неврологијата со својата поднесена статија „Фрактури кај лица со епилепсија: Кохортна студија базирана на национално ниво“ објавена во научно списание „Epilepsia Open“.

„Чувството е прекрасно имајќи предвид дека некој ја вреднувал вашата посветеност во областа на неврологија. Конкуренцијата е голема и од Македонија сум само јас. Тоа навистина е едно признание на посветеноста, на непроспиените ноќи, на целиот труд што е вложен во целата таа научно-истражувачка работа како од моја страна, така и од целиот тим. Многу е тешко да се балансира секојдневната рутинска клиничка работа, научно-истражувачка работа и приватниот живот, и од значење е кога трудот е забележан.

Неизмерно бев среќна кога видов дека сето тоа е препознаено и трудот е потенцијален кандидат за награда. Навистина не е важно дали ќе биде награден, од големо значење ќе биде дружбата,конекцијата, разменување на идеи и мислења со колегите од другите држави на доделувањето на МЕДИС наградите кои ќе се одржат на 7 март во Љубљана,“ вели Бабуновска во разговорот за еМагазин.мк.

На истражувањето работел тим составен од нејзината менторка проф. Емилија Цветковска без која реализацијата немало да се случи, како и лекарите Александар Јовановски и Бојан Бошковски и уште неколку останати лекари.

„Преку националната здравствена платформа работевме на податоците на цела држава, со што по претходно пречистување на податоците ги опфативме сите пациенти со епилепсија.Пациентите со епилепсија беа соодветно мечувани и споредени со општата популација.

Ова истражување покажа дека пациентите со епилепсија имаат зголемена преваленца на коскени фрактури во споредба со општата популација во сите возрасни групи, кај двата полови и за сите места на коскени фрактури. Најчести места на фрактури беа: подлактица, колк и бутна коска, подколеница.

Многу значаен резултат кој го добивме од нашата студија, е дека пациентите кои имаат коморбидитет и примаат повеќе од два видови на терапија против напади/антиепилептична терапија, имаат повисок ризик од развој на коскени фрактури. И токму овие пациенти се една таргетирана група која би требало да подлегне на превентивни мерки за подобрување на коскеното здравје.

Голем е товарот на еден пациент со епилепсија доколку има коскена фрактура, а воедно се и социо-економски товар,“ вели Бабуновска и објаснува дека коскеното здравје е потценето и е во сенка во целиот процес на третирање на пациенти со епилепсија.

„Кога нам ни доаѓа пациент со епилепсија, ние секогаш се концентрираме на фрекфенција на напади, но освен тоа навистина е битно е да се грижиме за коморбидитетите на епилепсија, а коскеното здравје е многу битен коморбидитет кај пациенти со епилепсија.Епилепсијата е многу повеќе од само намалување на фреквенција на напади,“ вели таа.

Нивната студија обезбедила сеопфатни податоци за коскените фрактури кај пацинети со епилепсија, кои би можеле да помогнат во обидот за имплементација на превентивни мерки за подобрување на коскеното здравје кај овие пациенти, а со тоа и подобрување на квалитетот на живот. Тие превентивни мерки би подразбирале мерење на витамин Д во крвта, кај пациенти постари од 50 години да се прави декса скен со што би се проценила коскената маса, и доколку е потребно соодветна суплеметација и навремен третман.

6,67 на 1.000 жители имаат епилепсија

Претходната студија на Бабуновска за Инциденца и преваленца на епилепсија покажала дека имаме 6,67 на 1.000 жители со епилепсија во Македонија, што споредбено со две студии од регионот имаме повисока инциденца сепак, директно не се споредливи со нашите, поради различни методи и помали популации, но во споредба со Данска имаме слична преваленца.

Според инцидента специфична по возраст, епилепсијата има два пика. Првиот пик во детската и адолесцентна возраст, а вториот пик кај популација на возраст од над 50 години.

„Ова наше истражување соодветствува со новите студии, и е покажано дека се повеќе пикот во детската и адолесцентите возраст се намалува како што беше и во нашата студија, а се повеќе постепено расте кај пациентите над 50 години, достигнувајќи пик кај возрасната група од 70-79 години. Најверојатно ова се повеќе се должи на коморбидитетите на епилепсија, мозочен удар, деменција, бубрежна хронична инсуфициенција, хроничен алкохолизам, мозочни неоплазми,“ додава Бабуновска.

Епилепсијата може да се третира фармаколошки, хируршки и палијативно.

„Што се однесува до фармаколошкиот третман, имаме достапни повеќе видови на анти епилептична терапија во нашата држава.

Што се однесува до хируршкиот третман на епилепсија, во Македонија не се изведува така што пациентите кои исполнуваат критериуми за оперативен хируршки третман одат во најблиските регионални центри каде повторно се прави преоперативна евалуација -дали тој пациент исполнува критериуми за хируршки третман.

Што се однесува до палијативниот третман, неодамна дел од тимот кој учествуваше во оваа студија проф. Цветковска и доц.Бошковски ја воведоа методата-стимулацијата на вагусниот нерв, и веќе неколку години имаме пациенти кои исполнуваат критериуми и подлежат на таа метода која се применува во нашата држава,“ додава Бабуновска.

Времето е мозок

Она што е многу важно да се знае е, што секој граѓанин може да се најде во близина на пациент со епилептичен напад и во тој случај, треба да знае како да постапи.

„Пациентот не треба да се остави сам во тек на нападот, препорачливо е оној кој е очевидец да остане до него, да се обезбеди просторот од објекти кои би го повредиле пациентот и најбитно е да не се паничи. Потребно е да биде поставен во странична положба, да се стави нешто меко под главата и да не се ставаат предмети во устата, да не се извлекува јазикот, бидејќи тоа е мит дека јазикот може да се голтне.

Значи доволно е да се остави во странична положба, да бидат слободни дишните патишта, вообичаено нападите се само лимитирачки, но доколку нападот трае повеќе од вообичаено, повеќе од 5 мин или доколку нападите се повторуваат да се повика Итна медицинска помош за пациентот да прими соодветна терапија и да биде пренесен во болница.

Што се однесува до времетраењето, зависно дали се генерализирани или фокални, фокалните напади траат до 3 мин, генерализираните до 5 мин. Ние велиме Time is brain. Доколку нападот трае повеќе од 5 минути, или доколку имаме репетитивни напади без опоравување на свеста измеѓу, може нападот да премине во епилептичен статус која е живото-загрозувачка состојба и затоа е потребно да се повика Брза помош се со цел да се прекине/детерминира нападот и да се овозможи да не дојде до иреверзибилни оштетувања во мозокот или ризик од смрт кои би можеле да настанат за време на епилептичен статус.

Епилептичниот статус може да биде конвулзивен и не конвулзивен. Дополнително добро е да се направи увид во антиепилептична терапија од лекарот што го води и најбитно од се дали пациентот ја прима редовно пропишаната терапија, “ објаснува Бабуновска.

Со мали ресурси до големи откритија

Во однос на можностите за научно-истражувачка работа, вели дека нема доволно ресурси во нашата земја. Потребно се повеќе ресурси и треба да се работи на тоа да се обезбедат и да се мотивираат младите да се занимаваат со научно-истражувачка работа. Покрај ресурсите важен е и тимот со кој се работи. Оттука, ние и со мали ресурси работевме на студии кои допринесоа до големи откритија.

„Ја имам таа среќа, на нашиот оддел за епилепсии да работам со такви луѓе, што благодарејќи на нивната енергија и посветеност, и со малку ресурси работиме на трудови од кои добиваме значајни резултати.

Пред да ја направиме претходната студија за Инциденца и преваленца на епилепсија, не знаевме колку пациенти во Македонија се со епилепсија. Тоа е многу битно не само за нас, туку и за државата во планирање на ресурси и национални стратегии за пациенти со епилепсија, како и на научен план да се споредиме со студиите од другите земји,“ вели Бабуновска.

Со вториот труд за коскените фрактури, се добија вредни податоци дека пациентите со епилепсија се по подложни на фрактури во споредна со општата популација, и треба да се размисли за превентивни мерки за подобрување на коскеното здравје кај овие пациенти.

Иако трендот е заминување на медицинскиот кадар во странство, таа себе си се гледа во Македонија.

„Сакам да останам да работам во Македонија, се чувствувам убаво со фамилијата, со пријателите.Мислам дека тоа е битен момент, за еден млад човек да е среќен. Работната атмосфера на одделот каде што работам и дома, придонесуваат за успех. Материјалното е важно, но не е пресудно.

Секој млад човек цели кон едукации во странство. Ги посетувам школите кои ги организира Интернационалната лига против Епилепсија и тие се наменети за млади специјалисти и специјализанти. Дополнително има можности и за полагање на европски сертифицирани академии, кои опфаќаат комплетно разработена програма, а потоа се полагаат тестови. Интернационалната лига против епилепсии веќе има разработено прекрасни курсеви кои ги следам. Првиот го положив, сега го следам вториот.Така што, ако се сака се наоѓаат начини и секогаш има можност да се надоградуваме,“ завршува Бабуновска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Неврологот Марија Бабуновска е меѓу финалистите на 10. Меѓународни Медис награди за медицински истражувања

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Одбиени приговорите: На Антонио Милошоски и уште 12 лица ќе им се суди за „Моќник“

Редакција

Голем корупциски скандал во украинското Министерство за одбрана, храна купувана по цени неколкупати повисоки од редовните

Редакција

Сребро и бронза за македонски ученици на Олимпијадата по природни науки во Доха

Редакција