еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ФИНАНСИСКА ПИСМЕНОСТ

Граѓаните сѐ повеќе штедат во денари

„Од почетокот на пандемијата па досега, депозитите на домаќинствата во македонските банки бележат раст од околу 35% и моментално тие сочинуваат околу 60% од нивната финансиска актива.

Уште позначајно е што учеството на денарските депозити во вкупните заштеди на домаќинствата веќе надминува 50%, со што продолжува трендот на денаризација. Довербата во банкарскиот систем се огледа и во растот на долгорочните депозити со двоцифрени стапки на раст, највисоки во последната декада, при што во август учеството на долгорочните депозити достигна 30%“,“ истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во своето обраќање по повод на Светскиот ден на штедењето ‒ 31. октомври, на традиционалниот настан којшто го организира Македонската банкарска асоцијација (МБА).

Според нејзе, еден од клучните предуслови за поттикнување на штедењето во домашните банки е одржувањето на стабилноста на финансискиот систем.

„Иако банките се соочија со неколку последователни кризи, нивните капитални и ликвидносни позиции се зајакнати. Банкарскиот сектор ја зголеми својата отпорност, што јасно се гледа од повеќе показатели. Адекватноста на капиталот е значително зголемена на 19%, што е највисоко ниво во изминатите две децении.

Ликвидноста на банките е на високо ниво. Квалитетот на кредитното портфолио е подобрен во однос на претпандемичниот период, со учество на нефункционалните во вкупните кредити од околу 3%.

Овие податоци покажуваат дека банкарскиот сектор го положи тестот на отпорност, во голема мера поддржана од навремените и соодветни макропрудентни мерки коишто ги презеде Народната банка во изминатиов период“, рече вицегувернерката Нацевска.

На Денот на штедењето, вицегувернерката Нацевска порача дека позитивните трендови се несомнено поврзани и со степенот на финансиска едукација на населението ‒ стратегиска цел на која Народната банка посветено работи.

Македонската банкарска асоцијација и комерцијалните банки исто така преземаат сопствени иницијативи за финансиска едукација на населението, во рамките на своите стратегии за општествена одговорност, коишто се во пораст во последниве години.

„Очекуваме дека во наредниот период уште повеќе ќе вложуваме во проектите за подигнување на финансиската писменост на граѓаните, со цел заедно да дадеме придонес кон градењето поинклузивен финансиски систем, каде што секој ќе ги има потребните знаења и вештини за донесување правилни финансиски одлуки засновани врз информации“, истакна Нацевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Комерцијална банка планира добивка од 31 милион евра и помал број на вработени во 2020 година

Редакција

И Ципрас почна да не вика Северна Македонија

Редакција

„Монтинг енергетика“ го доби тендерот на ЕСМ за специјализирана работна рака за ремонти во РЕК Битола вреден 825.000 евра

Редакција