еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Децата е најважно да ги научиме да размислуваат

На 15 мај – кога светот го слави денот на семејството, компанијата Бимилк организира настан посветен на нејзините вработени-родители на деца до 12 годишна возраст, како и за психолозите, педагозите и дефектолозите во битолските предучилишни и училишни установи, информираат од таму.

Гостин на настанот ќе биде д-р Ранко Рајовиќ – автор на програмата NTC која се користи во повеќе од 20 европски земји, а во 7 земји има акредитации од министерствата за образование. УНИЦЕФ го финансираше и го поддржа одржувањето на неколку NTC семинари на д-р Рајовиќ и го издаде прирачникот „NTC– учење преку игра“.

Семинарот кој ќе се одржи во дворот на Бимилк ќе опфати низа теми поврзани со поттикнување креативно учење, логично размислување, рана стимулација и практична примена на методологијата NTC. Учесниците ќе имаат можност да стекнат вредни сознанија, да разменуваат идеи и да се вмрежат.

Д-р Ранко Рајовиќ е роден во Белград, специјалист е по интерна медицина, невроендокринолог. Раководител е на Катедрата за невронауки во образованието на Факултетот за образование во Копер.

Тој е ЕХФ (Европска ракометна федерација) експерт за невронаука во спортот, автор е на преку 20 книги, прирачници и игри за севкупниот развој на детето.

Основач е на Менса во Србија, долгогодишен член и претседател на Меѓународниот комитет на Менса за надарени деца. Член е на тимот одговорен за спроведување на акредитираниот професионален NTC семинар: семинар за наставници, семинар за едукатори Рајовиќ.

„Преголемата заштита на децата не ги развива длабоките делови на мозокот, туку биолошки ги оштетува. Човекот мора да работи напорно, така е создаден. Не смееме да правиме сѐ за децата. Досадата е предуслов за мисловните процеси, креативноста и имагинацијата. Ја избришавме досадата за децата, таа веќе не постои како феномен.

Затоа сакаат да добијат сè веднаш, а ако не го добијат, прагот на толеранција не постои, а фрустрацијата е висока. Овде се појавува агресивност, а детето се однесува како да мора да му се исполнат сите желби. Многу важна порака за родителите е детето да не биде центар на семејството, туку негов составен дел,“ се само дел од мудрите совети кои ги споделува овој познат доктор на неговите предавања.

Во продолжение, кратко интервју со д-р Рајовиќ:

Како учењето да се направи игра?

– Учењето напамет не е физиолошко и затоа мора да бараме други начини. Гледаме дека учениците денес учат сè потешко. Имаат се повеќе информации кои мораат да ги паметат, а потоа на крајот имаме ситуација да „се откажуваат од училиште“. Многу ученици од седмо и осмо одделение веќе воопшто не сакаат да учат, ја изгубиле мотивацијата. Од друга страна, секоја нова генерација што пристигнува во првите одделенија е малку послаба во однос на претходните две генерации. Имено, ова се резултатите од истражувањето што го направивме во Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина. Значи, имаме проблем кој е присутен со години.

Кога велите послаби генерации, на што точно мислите?

– За почеток, тие се послаби моторно, и во однос на вниманието и концентрацијата. Вокабуларот им е посиромашен, емоционалната контрола послаба, општото знаење исто… Сега, ако секоја нова генерација е послаба, што ќе биде со нас ако не ги смениме методите на работа? Дали ќе станат подобри? За жал нема.

Знаете, денес децата од градинка пешачат од два до пет километри на ден, а кога работевме на проект каде децата од градинка престојуваа во природа и си играа во шума, тие пешачеа повеќе од 20 километри на ден. Тоа значи дека кога бевме мали поминувавме од 15 до 20 километри дневно.

Има луѓе кои не разбираат дека движењето е важно. Еден од доказите дека нема движење е зголемениот број на рамни стапала. Пред 30 години имавме шест до десет проценти рамни стапала. Денеска тој процент е околу 50 или 60 во прво одделение. Тоа значи дека немале доволно движење. А веќе не се ни боси. Тие носат сандали за плажа на море, плус уште едни кога ќе влезат во море.

Затоа нивните мускули и коски се послаби. Над седумдесет проценти од нашите деца имаат нарушување на држењето на телото, а бројот на дебели деца се зголемува. Сето ова укажува на недостаток на движење, што значи дека го игнориравме апелот што ни го испратија невронаучниците пред повеќе од десет години. Секако, како деца јадевме и слатки и јаглехидрати, но поминувавме по 20 километри дневно.

Друга работа – досада. Да, досадата е стресна. Го имавме и ние кога бевме мали, но потоа игравме. Денеска еве телевизор со дваесет канали, лаптопи, видео игри… Одеднаш нема досада. А досадата е предуслов за мисловни процеси, креативност и имагинација. Ја избришавме досадата за децата, таа веќе не постои како феномен. Затоа сакаат да добијат сè веднаш, а ако не го добијат, прагот на толеранција не постои, а фрустрацијата е висока.

И тогаш се појавува агресивност, а детето се однесува како да мора да му се исполнат сите желби. Многу важна порака за родителите е дека детето не треба да биде центар на семејството, туку негов составен дел. Потоа така се однесува и во градинка и во училиште и стигнуваме до проблемот.

Можеме ли сега накратко да го претставиме вашиот систем за учење NTC?

– NTC е практична примена на невронауката во образованието. Јас сум раководител на Катедрата на образовниот факултет во Копер и таму нема практична примена. Чиста теорија. Затоа ја дизајнирав програмата NTC како практична помош за родителите и воспитувачите. Има три дела.

Првиот е развојот на мозокот, потоа развојот на способноста за учење, а третиот е поврзувањето на информациите или функционалното знаење – дека можат да го поврзат она што го учат. Тоа е приоритет на иднината. Од денеска десетте најбарани професии, девет од нив не постоеле пред десет години. Тоа значи дека треба да ги подготвиме учениците за занимања кои не постојат. Сите тогаш нека се запрашаат која е функцијата на образованието, да ги научи децата да размислуваат или да ги научи да меморираат информации…

Програмите за рана стимулација се важни бидејќи децата почнуваат да размислуваат уште пред училиште. Ако проблемот за кој вие и јас зборуваме денес е присутен веќе десет години, дали можеме да најдеме решение за него во книгите напишани пред дваесет години? Невозможно.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото-вест) Настан каде можете да купите вистински мед: “Пролетни медени денови“ во Скопје

Редакција

Вечерва се отвора Викенд на гордоста, фестивал за квир-култура и уметност

Редакција

„Макпетрол“ ќе овозможи работилници против врсничко насилство и во Валандово

Редакција