Филтер Лабел започнува соработка со Фолтин, една од најзначајните современи македонски музички групи. Комплетниот каталог на групата е достапен за слушање и преземање од сите дигитални сервиси за музика во светот, информираат од таму.
Покрај дигиталната објава на четиринаесетте изданија на групата, Филтер Лабел ќе ги застапува нивните песни и за лиценцирање во филмови, серии, видео игри, реклами, трејлери, итн..
„Иако на меѓународниот музички пазар Филтер Лабел е препознаен како интернационална платформа за музика од автори од целиот свет, тоа и досега не беше пречка во нашиот каталог да се најдат изданија потпишани од некои од највозбудливите домашни автори – електронските и класичните креации на Кирил Џајковски, современиот џез на Гоце Стевковски и Георги Шарески, еклектичната електроника на Tripnotic, бескомпромисниот хип-хоп на Чиста Околина, поп-класичниот хибрид на Никола Коџабашија,…
Фолтин, со нивната нескротлива жанровска љубопитност, но и со професионалноста и посветеноста на тоа што го работат, идеално се вклопуваат во нашата визија за современиот македонски музички израз.
Убедени сме дека нивната способност да изненадат и да возбудат, да освојат на прво запознавање, но и да останат релевантни и интересни и по долго слушање, го прави нивниот потенцијал огромен.
Фолтин се многу повеќе од локални херои, тие се редок музички феномен и во светски рамки.
Особено сме горди што Филтер Лабел е нивниот дигитален партнер и се надеваме дека овие четиринаесет изданија се само почеток на една долга и успешна соработка,“ велат од Филтер Лаб.
Ако користите Spotify, на следниот линк ве очекува плејлиста со сите изданија на групата open.spotify.com.